Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува возачите на обврската да се носи зимска опрема во периодот од 15 ноември до 15 март следната година и апелираат да бидат внимателни, да се придржуваат до советите за управување со возилото во зимски услови, да ги следат информациите за временските услови на патиштата, како и патната сигнализација заради осигурување на поголема безбедност во сообраќајот.
-Овој период од годината се карактеризира со влажни коловози и намалени температури на воздухот, што неповолно влијае на безбедното одвивање на сообраќајот. Ова може да резултира со намалена видливост, продолжување на сопирачкиот пат на возилото, деконцентрација на возачите и слично. Истражувањата покажуваат дека ефектите од лошите временски услови врз видливоста може да го зголемат времето на реакција на возачите за 13 до 75 проценти, зголемувајќи ја веројатноста за сообраќајна несреќа. Утврдено е дека густата магла предизвикува најголеми проблеми при што на возачите им треба 75 отсто повеќе време за да забележат опасност, како и дека обилниот дожд ги забавува реакциите на возачите за 30 проценти, а снегот за 34 проценти, велат од РСБСП.
Покрај задолжителната зимска опрема, потребно е да се направи и зимска проверка на возилото односно да направат проверка на антифризот, на маслото во моторот, на течноста за бришачите на ветробранското стакло, на акумулаторот и притисокот на пневматиците, како и да обезбедат течност или спреј за одмрзнување на стакло, брави итн.
Од РСБСП советуваат брзината да се прилагоди според условите на патот, да се почитува растојанието меѓу возилата, да се избегнува нагло сопирање на возилото, а да се избегнува и нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.
-Почитувањето на овие совети, како и на законската обврска за носење на зимска опрема и проверка на возилото, придонесуваат за побезбедно учество во сообраќајот при неповолните временски услови во овој период и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, велат од Советот и апалираат возачите да внимаваат на влажните коловози.