Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска го оспорува извештајот изготвен од Јавното обвинителството на Љубомир Јовески, во однос на претресот во Управата за финансиска полиција.
Русковска во изјава за Алсат вели дека јавниот обвинител нема законско право да се меша во постапувањето по конкретен предмет. Претходно од ОЈО соопштија дека констатирале неправилности кај обвинителите што извршија претрес на работата на директорот на УФП Арафат Муареми. Оттаму додаваат дека од обвинителките биле побарани одредени информации, но Русковска негира дека и таа била повикана да даде изјава.
-Не, од мене не е побарано да доставам изјава, изјави Русковска.
Понатаму, од ОЈО информираат дека лицата од Управата над кои се вршел претресот имаат полициски овластувања, па затоа за нив може да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.
-Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија укажува дека предметот треба да се заведе во соодветен уписник и согласно распоредот да се додели на јавен обвинител кој е распореден во Специјализираното одделение, нагласуваат од ОЈО.
Според Русковска, пак, прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата. Во секој случај, додава таа, предметот може да се презаведе од еден уписник во друг и тоа е законски.
Во однос на тоа дека од ОЈО утврдиле неправилности и при барањето за претрес, што го одобрил надлежниот судија, шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал вели дека Судот е тој кој одлучува дали има основи за издавање наредба за претрес.
-Тоа дали има основи за издавање наредба за претрес одлучува Судот, не јавниот обвинител. Доколку некој сметал дека претресот е незаконит, можел да вложи жалба до Кривичниот совет на Судот. Колку што ми е познато, таква жалба не е вложена, вели Русковска.
Порано денеска ЈОРСМ соопшти дека двајца јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Македонија, постапувајќи по претставка од Управата за финансиска полиција, во согласност со членот 28 од Законот на јавното обвинителство, извршиле надзор и увид во предмет оформен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и ја доставиле до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Во соопштението меѓу другото се наведува и дека во согласност со чл.27 ст.4 од Законот за јавното обвинителство, со укажувањето, задолжен е јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, целосно да го испита постапувањето по овој предмет, да ја утврди фактичката состојба и сите релевантни околности, пропустите во постапувањето и фактите за евентуална одговорност и за тоа да достави информација до Јавното обвинителство на Република Македонија. (МИА)