четврток, 28. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Само ДУИ и ДС на Трајанов незагрижени околу веродостојноста на резултатите на ДИК од гласањето

Само ДУИ и ДС на Трајанов незагрижени околу веродостојноста на резултатите на ДИК од гласањето

По новиот преседан, во кој Државната изборна комисија првите конечни неофицијални резултати од десеттите парламентарни избори ги објави безмалку цели 24 часа по затворање на гласачките места, политичките партии наместо за можниот состав на новата Влада на постизборните прес-конференции повеќе зборуваа за нерегуларности и грешки, како и можни приговори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера најави дека правна комисија на партијата работи на евентуални приговори за кои има рок од 72 часа да се достават до Комисијата.

Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, објави дека по барање на ВМРО-ДПМНЕ, ДИК повторно ги пребројува резултатите од записниците, се со цел да се отстранат сите можности за било какви неправилности во однос на резултатите од изборите.

– Во моментов сите опции се отворени, и по завршувањето на пребројување ќе ги соопштиме нашите следни чекори, објави на фејсбук Јанушев.

Според пресметките на СДСМ, кои одат во друга крајност,  разликата во корист на Коалицијата Можеме е најмалку три мандати,  а не два како што прикажа ДИК.

Претседателот на Алијансата на Албанците, Зиадин Села, изрази длабока загриженост и негодување за, како што вели, игрите што се играат со необјавување на резултатите од изборите.

– Има многу информации од теренот кои не одговараат на резултатите објавени од  Државната изборна комисија до раните часови утринава. Има многу сомнителни резултати на многу избирачки места. Имаше сериозни обиди, но и активности насочени кон отуѓување на волјата на граѓаните. Нашиот заеднички штаб пријави десетици вакви случаи до релевантни тела, но и до релевантни меѓународни институции, објави на својот Фејсбук профил Села.

Истовремено тој најави дека Изборниот штаб на коалицијата „Сега е време”, по официјалните резултати ќе поднесе приговори, поткрпени со, како што вели, факти и докази за конкретни изборни нерегуралности.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев рече дека партијата е оштетена за минимум околу 10 илјади гласа и дека им се украдени, како што рече, тројца пратеници, во изборните единици 1, 2 и 4.

Тој рече дека ќе поднесат приговор во законскиот рок од 48 часа, а најави и кривични пријави против членовите на ДИК зашто ова е, рече, „невиден скандал во досегашната изборна историја“.

Од Македонска конзервативна партија – ИНТЕГРА, која не освои пратенички мандат, побараа да се направи увид во неважечките гласачки ливчиња со цел да се расчистат сомнежите.

Претседателот на партијата Љупчо Ристевски, побара државните органи да ги расчистат сериозните сомневања во јавноста и да понудат материјални докази за кредибилноста на изборниот процес, бидејќи како што посочи е доволен аргумент дури и да се поништат изборите.

Демократскиот сојуз е една од ретките партии кој оценува дека вчерашните предвремени парламентарни избори беа фер и демократски, без насилства, со висока излезност во специфични здравствени услови, при што граѓаните можеа слободно да ја искажат својата определба и гласаа мирно и достоинствено, определувајќи се за Европска Македонија.

Без сомнежи е и ДУИ, кои досега изразија само фалби за гласачите и процесот.

Најнови вести