Самохраните и еднородителските семејства се соочуваат со сериозни проблеми во надлежните институции и тоа е причината поради која невладината „Една може“ излезе на мирен марш во центарот на Скопје. Самохраните мајки не може да ги остварат своите права поради корумпираност на институциите и нестручен кадар што резултира и покрај пресудите да не можат да си ги видат своите деца, порачаа присутните на маршот, кој почна во „Жена Парк“ и заврши пред Министерството за труд и социјална политика.
Присутните побараа поддршка од државните институции, крај на игнорантноста на вработените во центрите за социјална работа, дефинирање на статусот самохран родител и поддршка за децата кои потекнуваат од самохрано семејство.
„Нашата борба е речиси децениска. По сите законски механизми кои ги употребивме, ни остана само ова. Излегуваме на улица во име на секоја самохрана мајка и еднородителско семејство во државата и бараме поддршка од државните институции. Бараме дефинирање на статусот на самохраност и третман врз основа на статус, а не врз основа на неможности“, вели Дороти Пачкова од „Една жена“.