вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

СДК: Кој ги подмирил трошоците на Тупанчевски, Фетаи и Нанев за патот во Палермо?

СДК: Кој ги подмирил трошоците на Тупанчевски, Фетаи и Нанев за патот во Палермо?

Министерот за правда Никола Тупанчевски, вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев вчера беа во ложата на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо, каде што Македонија ја победи Италија во полуфиналето од плејофот за пласман на Светското првенство во фудбал. Бидејќи станува збор за избрани и именувани лица, САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати кај претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, која вели дека тие самите треба да си кажат кој им ги платил трошоците за следење на македонската фудбалска репрезентација.

„Доколку службените лица не патувале во рамки на своите службени должности, сами нека си објават кој им ги подмирил трошоците за патување“, вели Ивановска.

САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша тројцата со смс порака за трошоците, но не доби одговор до објавување на текстот.

Судијата Нанев е поранешен долгогодишен член на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија.

Македонија синоќа ја победи Италија со 1:0 и во вторник во Порто ќе игра против Португалија за пласман на СП 2022.

Фудбалската федерација на Македонија редовно носи свои гости на патувањата на репрезентацијата, обично со чартер летови. ФФМ е најбогатата спортска федерација во земјата и не прима пари од државата.

Најнови вести