Меѓу уапсените 18 лица за кражба на луксузни автомобили од неколку европски држави се и газдите на два познати угостителски локали во центарот на Скопје, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори на истрагата. Едниот од нив е и сопственик на фабрика за колачиња, а меѓу уапсените е и газда на менувачница.
Од МВР, пак, уапсени се пет вработени од управните служби, кои ги фалсификувале и ги подготвувале документите за регистрација на украдените нови возила. Возилата што се краделе па препродавале биле исклучиво под лизинг во странство.
Скопското обвинителство отвори истрага за криумчарење луксузни автомобили со 20-мина осомничени, од кои петмина се вработени во МВР. Обвинителството соопшти дека до овој момент од слобода се лишени вкупно 18 лица, додека по двајца сè уште се трага и за нив ќе биде предложена мерка притвор во отсуство.
Меѓу осомничените има и мажи и жени.
Осуммина од овие 18 се осомничени за кривичните дела Криумчарење, Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, Компјутерски фалсификат и Фалсификување исправи, а останатите 12 физички и едно правно лице се осомничени за кривични дела кои се гонат во скратена постапка.
Македонската Царина помогнала во неколкумесечната истрага. Од Царината нема вмешани или осомничени.
Истрагата вели дека се краделе луксузни коли дадени на лизинг, произведени најчесто во 2021 година. Во текот на 2021 и 2022 година, осомничените организирале и учествувале во пренесување на патнички моторни возила избегнувајќи ја царинската контрола како непријавена стока, во вкупна вредност од големи размери. Употребувале лажни јавни исправи како вистинити, за да ги регистрираат автомобилите, по што ги продавале возилата за кои знаеле дека се предмет на кривично дело.
Најголем дел од автомобилите биле предмет на меѓународни потраги, како украдени. Биле крадени во различни европски земји и внесувани во Македонија со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Потоа осомничените службени лица од МВР вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација.
Некои од овие нови лусузни коли биле намерно опожарени, за да им се прикрие бројот на шасијата. Но, и за да се скријат трагите, автомобилите меѓусебно ги препродавале по неколкупати за краток временски период, по најнормално (трајно) ги продавале на физички и на правни лица во државава.
Во текот на постапката обезбедени се докази за внесување и препродажба на 14 вакви автомобили и еден мотор, со вкупна првично проценета вредност од над 500.000 евра.
Скопскиот надлежен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка притвор за осум осомничени за кои ќе се води истрага, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.