И додека власта денес предводена од СДСМ е горда на попишаните 60 илјади граѓани од дијаспората, во минатото го обвинуваше раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека поради нив во изминатите десетина години се иселиле над 600 илјади граѓани на Македонија.
И додека власта не се откажува од попишување на населението во време на пандемија и третиот бран на коронавирусот, денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи преку прес-конференција се пофали дека досега се попишале околу 60 илјади граѓани, најмногу од Швајцарија, Италија и Германија.
-Бројот на наши попишани граѓани од дијаспората надмина 60 илјади. На прво место е Швјацарија со околу 16 илјади, што е една четвртина од очекуваните бројки, потоа следат Германија со 10 илјади, Италија со шест илјади, додека во Канада и Австралија имаме далеку послаби резултати, за што како одговорно Министерство преземаме дополнителни активности и повикуваме што поголем број да се охрабрат и одвојат неколку минути за овој процес, вели Османи.
И додека СДСМ како опозиција во месец февруари 2016 година поставуваа над 1.000 чевли пред владата во знак на масовното иселување обвинувајќи ја тогашната власт, денес мудро молчат пред бројките кои се вистински пораз за сите од тоа време.
Јавноста прашува каде се 600-те илјади иселени лица, наспроти попишаните 60 илјади граѓани?
Инаку минатата недела пописот го одложи и соседна Србија
Владата ги усвои измените на Законот за попис, бидејќи пописот планиран за во април, поради епидемиолошката ситуација, ќе се одложи за периодот од 1 до 31 отомври, соопштија од Владата на Србија.
И доктор Андон Чибишев неодамна напиша на својот Фејсбук профил дека попис во ваква влошена состојба никако не смее да има
Република Македонија во моментот се наоѓа во ковид агонија и вакцинална депресија. Надлежните во изминатиот период во неколку наврати многу грубо и неодговорно ја манипулираа (лажеа) јавноста дека епидемиолошката ситуација се смирува, дека ние сме една од најподготвените држави која успешно се справува со пандемијата, дека вакцини се нарачани, дека само што не стигнале , дека имунизацијата на населението ќе почне навреме, пишува на својот фејсбук профил доктор Андон Чибишев.
„Меѓутоа, како проаѓаше времето, разбравме дека од тоа нема ништо и дека тоа бил само ефтин ПР на министерството за здравство и Владата.
И згора на тоа, веќе интензивно се вршат последните подготовки за спроведување на најавениот попис кој треба да започне на први април. Во меѓувреме, со објаснување дека заради неодговорност на граѓаните надлежните се принудени да воведат рестриктивна мерка, полициски час во периодот од 22 часот до 5 часот наутро. Значи, преку ден по домаќинствата ќе циркулираат стотици попишувачи кои на дневна основа ќе посетуваат по неколку домаќинства и ќе остваруваат контакти со повеќе лица, а притоа мора да напоменеме дека тие не се имунизирани, затоа што одговорните кои се всушност крајно неодговорни, не се потрудиле да ги имунизираат, заради нив и заради тие со кои во тие двесетина дена ќе бидат во контакт“, констатира докторот.
Според него вака спроведениот попис ќе биде идеална можност за за влошување на епидемиолошката состојба и забрзана трансмисија на вирусот со несогледливи последици.
„На Македонија и требаат рестриктивни мерки кои ќе дадат резултат и ќе ја стават под контрола пандемијата, а не полициски час во време кога надвор се движат само кучињата-скитници“, кажува Чибишев.
Докторот заклучува „никако ПОПИС во ваква влошена епидемиолошка состојба, одлагање на пописот за подобри времиња, во интерес на здравјето и животите на граѓаните“.
Пописот инаку власта предводена од Зоран Заев сака да го протурка на сила и да биде спроведен од 1 до 21 април идниот месец.