петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

СДСМ во страв од граѓаните: Нарачува текстови за да спречи протести

СДСМ во страв од граѓаните: Нарачува текстови за да спречи протести

Судејќи по текстот објавен во дневниот весник Слободен печат, а превземен од одредени интернет портали блиски до СДСМ, се појасно станува дека расте нервозата во партијата на Зоран Заев од растечкото незадоволство на граѓаните од носењето на Законот за употреба на јазиците со кое беше прекршен Уставот, законите и Деловникот.

-Опозициската ВМРО-ДПМНЕ би можела да го загуби правото за дејствување како политичка партија доколку се докаже дека нејзиното раководство стои зад организирањето протести пред домовите на пратениците од владејачкото мнозинство, кои минатата недела го дадоа својот глас за донесување на Законот за употреба на јазиците – пишува Слободен Печат.

СДСМ со ваквите постапки покажува дека има намера преку закани до политичките неистомисленици, да ги одврати граѓаните од нивното демократско право на изразување на протест од процесите кои се случуваат во Македонија. Ова во голема мера е карактеристика на авторитарни и диктаторски режими кои на ваков начин најчесто сакаат да го загушат гласот на народот и опозициското дејствување во нивните земји.

ВМРО-ДПМНЕ јасно кажа дека не стои зад протестите и дека тие се очекувана реакција на граѓаните од постапките на Владата, но истовремено и право кое им го гарантира Уставот.

Јоци се сомнева дека власта инфилтрира луѓе меѓу протестантите за да ги компромитира

-Можеби е време Фросина Ременски да и’ соопшти на јавноста кој ја направи снимката на протестот пред нејзината куќа, со оглед на тоа дека таа беше внатре, а надвор ја чуваа 60 полицајци. Онаа снимка која ја објави, а на која се гледаат униформи, значи е меѓу луѓето надвор. Полицаец? Провокант? И дали тој “некој” не учествувал ем во снимање, ем во недолични извици. А, како да знаеме дали провоканти не извикуваат било што, пишува Јорданка Ивановска на нејзиниот ФБ профил.

Патем таа потсети дека не е прв пат да се протестира и скандира пред дом на некој политичар.

-Еве, Уранија, не чула како на протестите против Груевски имаше извици “Грујо, пе*еру”, “Грујо диктаторче”, на пример, и ред други недолични извици, својствени за протести. Додуша и по колумни, како “стоки”. Добро, Уранија, не ти е срам од луѓе кои беа дел од тие протести да ги убедуваш дека биле фини и воспитани? Бевме дел од нив. А, на луѓето во шаторите пред Влада не ти текнува како секоја вечер пцуеја и викаа погрдно во 3 по полноќ, пијани, па луѓе одозгора ги маваа со што стасаат, напиша таа.

Протестите во 2015 и 2016 година за СДСМ беа демократски израз на револт, а сега се закана по безбедноста. Полицијата тогаш не ги гонеше и не ги следеше учесниците на протестите.

Во текот на вчерашниот ден  учесници на протестот во Прилеп со покани од МВР во рака се пожалија дека се повикани на информативен разговор во полиција.

Експерти посочуваат дека се работи за класична полициска закана,  заплашување и  злоупотреба на полицијата со цел да се спречат граѓаните да го изразат својот револт и незадоволство од СДСМ.

-Граѓаните имаат право да го изразуваат своето незадоволство од актуелните политики и од изгласаните закони на пратениците, бидејќи пратениците се нивни избраници, и бидејќи тие како политички функционери имаат должност да водат сметка за јавниот интерес, и за државниот интерес. Граѓаните не можат да бидат повикани на кривична одговорност затоа што мирно протестирале, и мирно го изразиле своето негодување кон начинот како власта ја практикува власта. Ременски и останатите пратеници само сакаат да плашат мечки со заканите упатени кон граѓаните. Нема суд кој ќе утврди кривична одговорност заради мирно изразување незадоволство од работата на актуелни политичари,  вели Каракамишева за Република.

-Тој што вели дека протестирањето пред нечија куќа е кривично дело, треба да образложи за кое кривично дело се работи. Тоа што граѓаните се појавиле пред нечиј дом сигурно си има одредена причина, односно тие се незадоволни од нечие однесување. Сѐ додека протестите се ненасилни, не може да стане збор за кривично дело. Слободата на протест е загарантирана и со уставот и со законите, вели Зафировски.

Јаревски одговори на обвинувањата на Ременски и Заев

Одговор на обвинувањата кои доаѓаа од СДСМ, Ременски и Зоран Заев за наводна партиска позадина на протестите  дојде и од Тони Јаревски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош кој беше посочуван и чија наводна вибер комуникација беше објавувана.

Неговиот статус на Фејсбук, го пренесуваме во целост:

Бидејќи забележав дека сум посебно интересен за пратеничката еве и од мене неколку конкретни мисли и пораки.

Пратениче од Карпош, не станува збор за никакви црни сценарија кон пратениците од власта. Граѓаните излегуваат на мирни протести да го изразат својот револт и гнев од вашите политики бидејќи немаат друг начин како да го кажат тоа, а истото да биде слушнато. Граѓаните кои протестираат се водени од чиста мисла и се испровоцирани од самоволието на двоецот СДСМ – ДУИ, а пред се од СДСМ, кои за да го зачуваат коалицискиот мир, ги погазија Уставот и законите, не ја слушаа јавноста, Претседателот на државата и експертите.

Претпоставувам дека не ти е пријатно кога јавно се искажува револтот против твоите политики, но верувај на граѓаните им е уште понепријатно кога ти и твоите колеги го газите Уставот и раскрчмувате се што е изградено со генерации.

Точно е дека ти и твојот сопруг сте многу моќни во моментов. Точно дека тој во секое време може да ја искористи функцијата во УБК за да ги заплаши и замолчи граѓаните. Не верувам, но можеби и ќе ви успее тоа во моментов, но на долг рок ќе останете сами против народот.

Залудно се обидувате да ги извртите фактите и да ги заплашите граѓаните. Правото на протест е уставно загарантирано право и никој не смее да го попречува. Не треба да те потсетувам дека вие ги патентиравте протестите пред домовите на функционерите од ВМРО ДПМНЕ, надградени со вандалско однесување и палење на државен имот и фотографии од Претседателот на државата.

Тогаш за вас тоа беше демократија и одраз на волјата на граѓаните.

Излезете малку меѓу народот и ќе го видите незадоволството. Голем дел од тие ваши членови и симпатизери кои тогаш протестираа со вас , сега се гневни и бараат да се стави крај на самоволието на СДСМ и распродавањето на националните интереси. Јас бев и ќе останам ВМРО ДПМНЕ. Ние не бегаме и не се криеме од народот. Ние ќе ги примиме и поддржиме сите што си ја сакаат Македонија без разлика дали се членови на СДСМ или не се политички определени. Да, јас излегов на протести заедно со многу мои пријатели од ВМРО ДПМНЕ, но партијата не го организираше протестот. Протестите ги иницираа многу загрижени граѓани од Карпош, меѓу кои и ваши членови. Патем може да ги праша вашиот сопруг и полициските службеници кои беа вечерта таму.

Еве на овој начин би сакал да им се заблагодарам и на нив за разбирањето и за поддршката што ни ја дадоа.
Се надевам дека вашиот сопруг нема да ја злоупотреби функцијата и да бара сите да бидат казнети затоа што не пукале во граѓаните.

Заедно со Зоран Заев може да го забраните и правото на протест, но тоа не е демократија. Може ќе се охрабрите и ќе забраните и поинакво мислење, а може ќе ви текне да го забраните и народот, но казната ќе ве стигне. Македонија не смее да биде заробена и киднапирана држава.

Најнови вести