„Што вети СДСМ за Охрид, што (не)оствари“. Во првиот текст ќе објавиме за едно ветување дадено во програмата за локалните избори „План за живот во Охрид“, а кое се однесуваше на развој на оранжериското производство и изградба на агро центар, објавува охрид24.мк.
-Оранжериско производство претставува одгледување растенија и земјоделски култури во контролирани услови. Климатските услови во Охрид ги задоволуваат сите параметри кои се неопходни за оранжериско производство: температура, ниво на светлина, наводнување, користење на ѓубрива и атмосферска влага. Оранжериите како структури ќе овозможат одгледување на свежи земјоделски производи, како што се овошје, зеленчук, цвеќиња и други земјоделски култури во секој период од годината. Оранжериите кои ќе бидат изградени ќе функционираат во рамки на агро центар, кој ќе им пружа помош на производителите во процесот на оранжериско производство. Агро центарот ќе придонесе за економски раст на градот преку производство, преработка, пакување и дистрибуција на земјоделските култури. Основната функција на Агро центарот ќе биде производство на храна за локална употреба во рамките на локалните заедници што дава многу предности и тоа: рекултивација на неуредените градски и селски површини и земјишта во нивна непосредна близина, вработување на населението, поголема количина и квалитет на земјоделски култури, односно храна и редовно снабдување на угостителските капацитети со свежи земјоделски производи. Целна група беа земјоделците, угостителите и сите граѓани, а рок за реализација беше 2018 година. Вака беше наведено во програмата „План за живот во Охрид“.
Денеска сме 18.02.2019 година, а земјоделците, угостителите и сите граѓани се уште го чекаат оранжериското производство и агро центарот кои останаа празно ветување.