Поради отсуство на дел од обвинетите се одложи судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово и се презакажа за 14 октомври во 10 часот.
До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово. Со тој предлог ОЈО Тетово ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово Ф.Б и А.Е за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Б. В за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Обвинилтеството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинжинер и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.
Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата. Пожарот во модуларната ковид болница се случи на 8 септември минатата година. Во огнената стихија која за неколку минути до темел го изгоре објектот, животот го загубија 14 луѓе, а повеќе пациенти беа тешко повредени.