На денешното рочиште за случајот „Титаник“, адвокатите на екс премиерот Никола Груевски кој илегално замина во Унгарија, пред Судот изјавија дека доколку му се суди во отсуство по предлог на специјалниот јавен обвинител Лиле Стефанова, му се кршат човековите права, пренесува А1он.
Адвокатот Еленко Миланов кажа дека доколку на поранешниот премиер му се суди во отсуство му е оневозможено правото да ги испитува сведоците за случајот по што даде предлог до судијата Осман Шабани, наместо на Груевски да му се суди во отсуство за него да биде раздвоена постапката.
Адвокатот Боро Тасевски истакна дека по овој предмет треба да престанат да се преземаат дополнителни репресивни мерки кон обвинетите. Тој истакна дека се уште немаат добиено акт за притвор за обвинетите Миле Јанакиески и Кирил Божиновски и дека ќе се произнесат откако ќе го добијат истиот.
„Го задржуваме правото понатаму да се произнесуваме додека не го добиеме актот за притвор на двајцата обвинети. Органите на водење на постапката треба да се воздржат од понатамошни мерки во оваа постапка. Досега сите преземени мерки, вклучително и самото обвинение и водење на оваа постапка се крајно проблематизирани“, рече Тасевски.
Адвокатот Димитар Дангов се придружи кон претходните изјави на адвокатите Миланов и Тасевски по што додаде дека суштински се противи на предлогот на Груевски му се суди во отсуство
„Не постои потребен доказ што го бара оваа одредба. Убеден сум дека судот ја знае одредбата. Во овој случај најмногу што може да се направи е да се одложи денешното рочиште“, рече Дангов.
Судијата Осман Шабани наредното рочиште за случајот „Титаник“ го закажа за 23. ноември кога и ќе ја соопшти одлуката за понатамошниот тек на судењето со оглед на тоа дека Груевски е надвор од државата и не е во можност да присуствува на рочиштето.
Наредното рочиште требаше да биде на 16-ти ноември, но судијата Шабани го одложи за 23. по барање на пратеникот Илија Димовски со образложение дека од 16-ти до 19-ти ноември нема да биде во можност да присуствува на рочиштето поради присуство на настан на НАТО.