Пожарот што зафати подрачје меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци се уште е активен. Ветрот прави проблеми со ставање под целосна контрола на огнените јазици. Состојбата се менува од час во час, изјави за МИА Владо Клинчарски, директор на ЈП „Македонски шуми – Малешево“ – Берово.
Тој посочи дека во моментов пожарот го гаснат околу 100 пожарникари од Берово, но и од Виница, Кочани, Радовиш, Струмица и од други градови, како и специјални тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, на Центарот за управување со кризи, полиција, гранична полиција и вработени во „Македонски шуми“.
Клинчарски вели дека сега битката со огнената стихија се одвива само од земја, бидејќи ЕР-тракторот е повлечен напладне по 12 часот кога имаше драстично покачување на температурите.
Тој нагласи дека екипите остануваат на терен, бидејќи ветерот и високите температури не одат во прилог на гаснење на овој пожар кој зафати околу 50 хектари високо стеблеста шума.