Македонската економија е пред целосен колапс, а државата влегува во длабока криза. Откако вчера министерот за финансии Фатмир Бесими на собраниската комисија за финансирање и буџет изјави дека јавниот долг на земјата уште во јуни ја надминала критичната граница и наместо 59,5 проценти истиот достигнал 60,3 проценти од БДП.
-Со ваквиот нов номинален износ на БДП дефицитот во Буџетот за оваа година наместо 8,4 отсто, ќе изнесува 8,5 отсто иако неговата апсолутна вредност останува иста. Исто е и со надворешниот долг, кој според номиналната вредност на БДП од 30 јуни годинава во однос на БДП беше 59,5 отсто, а сега со надолната корекцијата на номиналниот БДП иако долгот е со иста вредност од 6,527 милијарди евра, претставува 60,3 отсто од БДП, рече Бесими.
Според ова се вклучува алармот за влегување на Македонија во задолжничка криза бидејќи според мастришките критериуми јавниот долг не смее да надмине над 60 проценти, односно доколку тоа се случи тогаш земјата се вклучува во земјите со висока задолженост и можни проблеми со ликвидноста.
Критики за начинот на водење на македонската економија упати и Европската унија преку новиот Извештај на земјата за напредок. Имено во извештајот се нотирани критики за необезбедена стабилизација на јавниот долг, високо ниво на сива економија, како и ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции.
-Јавните капитални инвестиции остана на значително ниско ниво, а стабилизацијата на јавниот долг сè уште не е обезбедена. Деловното опкружување продолжува да биде попречено од високиот удел во неформалната економија, се наведува во Извештајот од Европската комисија.
И опозицијата реагира на ваквото недомаќинско работење на владата на СДСМ, обвинувајќи дека власта ја презадолжува државата и граѓаните, како и дека падот на економијата ќе биде уште поголем од предвидениот.
-Намалени за 70% се средствата за рехабилитација на локални патишта, проектите за гасификација, инвестициите во железницата за милијарда денари и други капитални расходи, изјави координаторот на пратничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Власта и парламентарното мнозинство наместо со ребалансот да ги кратат средствата за непродуктивни работи, кратат средства за проекти кои требало итно да се завршат.
Имено, со вториот ребаланс на буџетот ќе има повеќе пари за финансирање на политичките партии, за извршни решенија, за купување на мебел и предвремени вработувања, односно се зголемува ставката за мебел за 500 илјади евра. Ќе се платат и плус 4,8 милиони евра на извршители.
За привремени вработувања наместо првичните 2,4 милиони, ќе се потрошат 2,7 милиони евра, или 324 илјади евра повеќе. Субвенциите и трансферите се зголемени за 169 милиони евра, а ставката разни трансфери за 177 милиони. Ова е историски најголем буџет досега. Расходите надминуваат 4,1 милијарда евра, а приходите ќе останат на нивото од 3,2 милијарди евра. Дефицитот ќе достигне рекордно ниво од 8,4% од БДП. Земјава ќе заврши во рецесија од минус 4,4%.