петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Седницата на Судскиот совет презакажана за 13 часот

Седницата на Судскиот совет презакажана за 13 часот

Седницата на Судскиот совет треба да се одржи во 13 часот. Првично таа беше закажана за 11:00 часот, а пред зградата на Судскиот совет се собрани голем број новинарски екипи и претставници на невладини организации.

Судскиот совет денеска треба да одржи седница за избор на нов претседател, откако вчера заменикот Селим Адеми во присуство на претседателката Весна Дамева, по неколку часа тензии и караници го презеде раководењето со седницата и предложи да се гласа за нејзино разрешување со кревање рака.

За разрешувањето на Дамева гласаа седум членови – Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска, по што заменик-претседателот констатира дека актуелната претседателка е разрешена и веќе не може да раководи со седницата и ја закажа денешната за избор на нов претседател.

Разрешувањето на Дамева предизвика реакции во јавноста и кај експертите во правосудството дека всушност станува збор за непочитување на процедурата.

Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка, по што нејзиниот заменик Адеми иницираше гласање за нејзина смена, а причината наводно била дека го криела писмото на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, испратено на 11 април, во кое таа изразува загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд – Скопје да врати во првостепена постапка на повторно судење неколку предмети од, како што наведува, високи профили.

Дамева по седницата оцени дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката за нејзиното разрешување ја оцени како противзаконска и дека таа е донесена за да се задоволат „одредени поединци од политиката“.

Со ставот на Дамева се согласи и невладината организација Коалиција „Сите за правично судење“ која смета дека Судскиот совет не можел да донесе одлука за нејзино разрешување од функцијата претседател, без да ја разреши од член на Советот. Коалицијата смета дека не била испочитувана процедурата, во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и на претседателот на Судски совет, како и дека одлуката била донесена со несоодветно мнозинство, односно наместо со 8, за неа гласале 7 члена, од кои еден бил и гласот на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување.

Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење за ТВ 24 вели дека писмото на Агелер е насочено кон повеќе чинители во правосудниот сектор, а некои очигледно и успеале да се пронајдат во тоа писмо.

– Јас се надевам дека ќе преземат нешто во врска со тоа. Што се однесува до разрешувањето на Дамева, беше изненадување и покажува дека критиките од САД имаат поголемо влијание од домашните. Како и да е, самото разрешување беше изведено на таков начин што претставува преседан, вели Аврамовски.

Според него факт е дека има нетранспарентно постапување на Судскиот совет во континуитет.

– Оттука произлегува впечатокот дека станува збор за внатрешни пресметки или надворешни влијанија во Судскиот совет со начинот на кој беше разрешена претседателката на Судскиот совет. Ниту законот, ниту подзаконските акти не дозволуваат разрешување од местото претседател на Советот без да биде разрешена и како член на Советот, вели Аврамовски.

Тој додава дека е прекршен е Деловникот на Судскиот совет.

Реагираше и Блупринт групата за реформи во правосудството, која изрази загриженост околу ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет.

– Ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби што ги уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судскиот совет, што значи дека не постои правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева. Уште повеќе, според Деловникот, тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот, укажуваат од Блупринт групата за реформи во правосудството во врска со вчерашната седница на Судскиот совет на која беше разрешена претседателката Дамева.

Тие апелираат членовите на Судскиот совет на денешната седница да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето и дејствувањето како членови на Судскиот совет, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во земјата.

Со реакција излезе и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која преку соопштение нагласи дека очекува вклученост и реакција од сите релевантни државни субјекти за случајот со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

– Имајќи ја предвид позиционираноста на Судскиот совет како највисок орган на судската власт, кој треба да се залага за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и за обезбедување на независноста на судската власт како трет столб на власта, Државната комисија изразува сериозна загриженост за случувањата на седницата на Судскиот совет, од кои во медиумите беа презентирани и видео записи, се наведува во денешното соопштението на ДКСК.

Комисијата ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Најнови вести