На 7 декември во 1993 година во Скопје, почина Блаже Конески, академик, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник.
Неговото творечко истражување даде огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ.
Тој е прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав. Негова прва книга е поемата “Мостот”, ја објави непосредно по војната во 1945 година, а потоа ги објави делата “Земја и љубовта”, “Песни”, “Везилка”, “Лозје”, “Записи”, “Стари и нови песни”, “Чешмите”, “Послание”, “Светото на песната и легендата” и други.
Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на “Граматика на македонскиот јазик”, “Историја на македонскиот јазик”, “Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија”. Покрај другите награди, добитник е на “Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата во 1981 година.
Роден е во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година.