Денеска се навршуваат две години од смртта на првиот министер за правда во независна Македонија Ѓорѓи Наумов, кој почина на 90 годишна возраст.
На фукцијата беше од 20 март 1991 до 4 септември 1992. Тој беше еден од активните политички чинители во 90-те години на минатиот век и министер за правда во првата Влада на Република Македонија избрана по воведувањето на политичкиот плурализам и по одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година.
На нејзино чело беше избран Никола Кљусев, а по својот карактер беше експертска, техничка Влада.
Во деведесеттите години Наумов беше дел од познатата штипска политичка четворка, Киро Глигоров, Никола Кљусев и Јордан Мијалков кои ги удрија темелите на независна Македонија.
Наумов е роден штипјанец, кој основното образование го завршил во родниот град, а Правен факултет во Скопје. Магистрирал на правни науки на Универзитетот во Загреб.
Професионално кариерата ја почнува во Јавното обвинтелство, а извесен период бил и заменик Републички обвинител. Во 1998-та година повторно е дел од Владата како министер без ресор. Последна активност му е на чело на Комисијата за односи меѓу верските заедници.
Како член на ВМРО ДПМНЕ бил активен и во партиските тела. Автор е на книгата „Мојот од во плурализмот“ во која пишува за своите лични искуства во периодот од 1990 до 2003-та година.