сабота, 3. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Сериозна железничка несреќа кај Куманово: По скандалот на македонското небо, се случи катастрофа и на пругите (ФОТО)

Сериозна железничка несреќа кај Куманово: По скандалот на македонското небо, се случи катастрофа и на пругите (ФОТО)

Сериозна железничка несреќа се случи ноќеска кај Куманово. По скандалот на македонското небо, кој вчера беше обелоденет, сега се случи катастрофа и на македонските пруги.

Вагони на товарен воз на МЖ Транспорт, што сообраќал од Куманово кон Скопје, се излизгале ноќеска околу 2 часот во близина на кумановската железничка станица, поради што, во прекин е железничкиот сообраќај.

Во несреќата, за среќа, нема повредени лица, а според првичните информации причинета е голема материјална штета.

Во тек е истрага за причините на несреќата, а се очекуваат и повеќе детали како и соопштение од МЖ Транспорт.

Инаку вчера Економски Лидер обелодени дека два авиони за малку ќе се судреле на македонското небо, на осми мај, поради негрижа на македонската контрола за летање, која не успеала да ги координира авионите, па снаодливоста на пилотите спречи огромна трагедија.

На осми мај оваа година, огромна катастрофа е избегната на македонското небо. Овој скандал кој М-НАВ го крие веќе два месеци, Економски Лидер ексклузивно го објавува.

Контролорот на летање и близок пријател на претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Николче Тасески, издавајќи погрешна инструкција буквално довел два авиони во состојба да се судрат. Има укажувања дека погрешната инструкција директно предизвикала целосно да се изгуби контрола над ситуацијата, а пилотите биле оставени сами на себе. Благодарение на алармот на инструментите во пилотските кабини, пилотите спречиле голема трагедија – дознава Лидер.

Во овој инцидент инволвирани се два авиони:
-Првиот авион на линија Атланта – Истанбул, на компанијата „Туркиш ерлајнс“, тип ербас А330-200, со регистрација TC-JND регистриран во Турција кој може да носи 335 патници и
-Вториот авион на линија Тел Авив- Амстердам,на компанијата „Трансавиа“ TRA5800, тип боинг 737-7К2, со регистрација PH-XRD регистриран во Холандија, кој може да носи 149 патници.
Авионот на „Туркиш ерлајнс“ летал безбедно скоро 9000 км од Атланта, САД до Истанбул,Турција, но над Дојранско езеро во Македонија на само 500км воздушна линија од Истанбул за влакно избегнал судир со друг авион кој летал во спротивна насока.

Како што дознава Лидер, претходно, 7 до 8 минути пред инцидентот авионот на „Туркиш ерлајнс“ од кај Качаник, Косово влегол во воздушниот простор на Македонија и уредно се јавил на македонската контрола на летање. Бил лоциран и препознаен од контролорот на летање со помош на радарскиот систем и од тогаш бил под водство на македонската контрола на летање. Кога авионот на „Туркиш ерлајнс“ бил близу до излезот од македонското небо над Дојран на врска на македонската контрола на летање се јавил авионот на „Трансавиа“ кој пак требал да влезе во македонскиот воздушен простор над Дојран. Уредно е лоциран и препознаен со помош на радар од истиот контролор на летање. Од тогаш и „Трансавиа“ е под водство на македонската контрола на летање, т.е. истиот контролор на летање. Авионот на „Трансавиа“ доставил барање до контролорот за повисоко ниво на лет.

Контролорот, според информациите на Лидер, без да ја анализира и увиди состојбата во воздушниот простор веднаш тоа го одобрил и со тоа ги довел во огромна опасност од судар двата авиони бидејќи авионот на „Трансавиа“ поминал низ патеката на движење на авионот на „Туркиш ерлајнс“ во моментот кога скоро биле на иста висина, најверојатно околу 29.000 фити, или 8,8 килуметри, и многу блиску еден наспроти друг движејќи се со брзини од 750-950 км на час во правец на директен судир.

Најнови вести