Издавањето на нови лични документи со новото име се очекува да почне до крајот на годинава, а замената граѓаните ќе ја плаќаат сами. Замените ќе одат постепено.
-Основните документи: лична карта, пасош и возачка дозвола, ако останат истите цени, секој граѓанин ќе го чинат околу 2.400 денари. Ако на ова се додадат и промените на регистарските таблици, тогаш трошоците ќе се зголемат за околу 1.200 денари. Вкупно трошоците ќе изнесуваат околу 3.600 денари или околу 60 евра, пишува Плусинфо.
Најпогодени ќе бидат оние граѓани кои ќе ги менуваат документите во овој период додека да се набават нови со новото името, бидејќи документите ќе им бидат со преполовен рок на употреба, па наместо еднаш во десет години, тие ќе треба да ги променат своите документи двапати.
Промената на документите, веќе најавија од Владата, ќе биде на грбот на граѓаните. Според актуелниот ценовник, најмногу граѓаните ќе треба да одвојат за пасошите кои чинат 1.500 денари плус административна такса која е 300 денари за лицата постари од 27 години односно од 100 до 200 денари за оние под оваа старосна граница.
Цената за лични карти, пак, е 190 денари. Возачката чини 280 денари, а за неа има и административна такса во висина од 170 денари која се плаќа поради измината важност.
На овие основни трошоци се надоврзува и замената на регистарските таблици за оние граѓани кои имаат возило. Таблиците досега чинеа околу 1.200 денари. На новите таблици, кои треба да почнат да се издаваат во рок од четири месеци, стариот сообраќаен код „МК“ ќе се замени со „NMK“ (North Macedonia).