петок, 29. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Сезонски лет од Осло до Скопје двапати неделно

Сезонски лет од Осло до Скопје двапати неделно

На Меѓународниот аеродром во Скопје денеска пристигна првиот авион на норвешката авиокомпанија „Norwegian“ која ќе сообраќа двапати неделно. Со „Боинг 737“ со капацитет од 189 патници, летот Осло – Скопје и обратно ќе се одвива сезонски, двапати неделно, секој понеделник и петок.

Авионот кој денеска пристигна од Осло во Скопје го управуваше пилотката Мериен Виксе Лиен.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт истакна дека оваа авиолинија ќе започне да оперира како сезонска со надеж дека ќе прерасне во редовна авиолинија што ќе оперира низ текот на целата година.

– Како што можевме да забележиме, воздухопловот на доаѓање беше речиси полн. Како ТАВ сме благодарни, среќни и возбудени за оваа пригода бидејќи сето ова го претставува континуираниот раст и развој на скопскиот аеродром, рече Курт.

Пилотката Мериен Виксе Лиен, во своето обраќање нагласи дека со нетрпение го очекува пречекот на нови патници на летовите од Осло до Скопје.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски посочи дека покрај новата линија од Осло, овој месец воспоставени се и неколку нови линии од Охридскиот аеродром и дека на овој начин расте туризмот во земјата, а со тоа и домашната економија.

-Оваа година сме на патот да оствариме рекордно ниво на авиосообраќајот, историски гледано, на нашите два аеродроми, каде само за споредба на првиот преод од годината, од јануари до јуни имаме зголемување од 44 проценти во однос на истиот период минатата година, што е силен доказ за нашата посветеност и упорност за овозможување подобри услови и услуги за авиосообраќајот во земјата, истакна Бочварски.

Како што напомена, тригодишната програма за воспоставување на нови авиолинии ги дава посакуваните резултати.

-Квалитетни услуги за нашите граѓани, нови дестинации, повеќе туристи и максимално искористување на капацитетите на нашите два аеродроми останува наш врвен приоритет, рече Бочварски.

Најнови вести