Министерот за образование и наука Јетон Шаќири соопшти дека утре попладне ќе има состанок со родителите на учениците од Општинското основно училиште „Његош“ во Колонија, Општина Гази Баба – и на оние што учат на македонски и на децата од настава на албански јазик, откако едните протестираат три, а другите 26 дена.
Проблемот е настанат поради немање просторни услови. Учениците Албанци во тоа училиште имаат настава до петто одделение и со години образованието од шесто до деветто мора да го продолжат во други општини. Нивните родители протестираат од почетокот на учебната година, а пред три дена бојкотираат и родителите на учениците на македонски наставен јазик кои не се согласуваат таму да се отвори паралелка за Албанци шестооделенци. Пред училиштето порачаа дека нема можност за воведување нова паралелка. Според нив, министерот врши притисок и се подготвени, како што велат, настава да нема до крајот на учебната година.
-Три дена протестираат учениците на македонски јазик, а учениците на настава на албански јазик во истото училиште протестираат 26 дена. Се работи за 13 ученици кои завршиле петто одделение и бараат да продолжат од шесто во истото училиште. Имам редовни состаноци, и со родителите Албанци, и со родителите Македонци и утре ќе реализирам состанок со сите нив. За да се отвори нива паралелка, директорката на основното училиште доставува барање и врз основа на анализите, ние тоа барање го доставуваме во Министерството за финансии, изјави денеска Шаќири, одговарајќи на новинарски прашања.
Иницијативата на родителите кои протестираат три дена, рече, е затоа што сметаат дека нема простор во училиштето. Додаде дека и Просветниот инспекторат ја анализирал состојбата.
-Никогаш нема да се донесе одлука на штета на ниту една страна. На градоначалникот на Гази Баба му кажав дека ако е потребно простории во истото училиште, барам најитно да се достави проект за да можеме да го реализираме во тој простор на училиштето. Оваа тема не се дискутира од овој септември туку 20 години. Со Општината дискутираме за долгорочно решение за изградба на училиште во Идризово и барам разбирање за краткорочно решение што треба да го најдеме што побрзо, до петок, без разлика дали се учениците Македонци или Албанци. Се работи само за една паралелка во училиштето, рече Шаќири.