Владата продолжува со пополнувањето на испразнетите места на дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија. Од дипломатски извори МКД.мк дознава дека на вчерашната седница поминале предлозите за Зоран Попов, актуелниот државен секретар во МНР, кариерен дипломат, да биде испратен во Вашингтон, САД, Теута Арифи, поранешната градоначалничка на Тетово, која по неуспешниот обид да биде испратена во Вашингтон, сега е предложена за во ЕУ, Брисел, а актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, кариерен дипломат, е предложен за амбасадор во Париз, Франција.
На списокот се и Мето Белески, кариерен дипломат, е предложен за амбасадор во Белгија, Реџеп Демири, член на ДУИ, сегашниот генерален конзул во Минхен е предлогот за амбасадорското место во Берн, Швајцарија. Од ДУИ доаѓа и предлогот за Дритон Кучи за амбасадор во Осло, Норвешка.
Нов амбасадор во ОБСЕ, Виена ќе биде Едмонд Адеми, советник на актуелниот премиер Димитар Ковачевски и поранешен министер без ресор за дијаспора.
Претходно објавивме дека и Андреј Жерновски бил предложен за амбасадор во Берлград, Србија.