Се одбележуваат шест години од смртта на познатата македонска пејачка и хуманитарка Есма Реџепова Теодосиевска, која почина во 2016 година по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст.
Го носеше епитетот „кралица на ромската песна“, а нејзината богата и меѓународна музичка кариера непрекинато траеше 55 години. Имаше репутација на светски уметник со повеќе од осум илјади концерти, настапи на над 15 јазици, издадени 60-ина албуми.
Во мај 2013 година Есма Реџепова-Теодосиевска ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Малме со поп-пејачот Влатко Лозановски-Лозано и песната „Пред да се раздени“.
Во 58-годишната историја на евровизискиот натпревар првпат една композиција делумно беше испеана на ромски јазик. Во септември 2013 година беше одликувана со титула „Национален уметник на Република Македонија“ за нејзиниот децениски придонес за афирмација на Република Македонија во светот.
Највисокото признание го доби и за нејзината хуманост и подобрувањето на социјалниот живот на Ромите, зашто со сопругот Стево Теодосиевски се грижела за 47 бездомни ромски деца и го сменила нивниот живот. За мисијата на врвен уметник и културен амбасадор на државата, таа во 2010 година од претседателот на државата Ѓорге Иванов беше одликувана и со „Орден за заслуги на Македонија“.
Есма беше и политички активна – членуваше во поранешната партија Демократска алтернатива, а почина како актуелен советник во Советот на Град Скопје од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Беше објавена монографија за неа и нејзиниот животен сопатник и музички соработник Стево Теодосиевски од публицистот Славе Николовски-Катин. Изданието, насловено „Есма“, го објавија „Македонска искра“ и асоцијацијата „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура.
Есма Реџепова е родена во Скопје на 8 август 1943.