Процесот на европеизација на Балканот е неповратен, сите земји од регионот, вклучително и Северна Македонија се цврсто на патот кон ЕУ, вели потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Схинас во изјава за МИА, дадена на маргините на Конференцијата во Солун, посветена на улогата на новинските агенции во објективното информирање и борбата против дезинформациите во новата реалност на Балканот, организирана од АБНА-ЈИЕ.
Схинас во обраќањето на Конференцијата говореше дека сега е момент регионот да биде европеизиран, наместо ЕУ да биде балканизирана, како што многу пати се случувало во минатото.
На прашањето на МИА да даде појаснување за тоа како би се европеизирал регионот во кој постојат многу отворени билатерни прашања, кои не се според европските стандарди, како спорот меѓу Софија и Скопје, Схинас истакна дека доколку се погледне назад во историјата многу пати имало примери на балканизација на европската политика.
– Мојата главна порака беше дека кога ќе погледнеме назад кон историјата, многу пати видовме балканизација на европската политика. Ние знаеме што значи тоа – страдања, војни, поделби. Но, она што не сме го виделе досега е европеизација на регионот на Балканот. И тоа се случува сега, само во изминативе 20 години, тоа е ново и е нешто позитивно, тоа е охрабрувачки чекор. Повеќето земји се сега цврсто на патот кон членство во ЕУ. Северна Македонија е пример, каде мислам дека ЕУ не беше секогаш многу фер, бидејќи побаравме многу различни работи, а вие ги испорачавте. Сега треба да преминеме на следното поглавје, а тоа е отворање на преговорите по поглавја и затворање на овие поглавја, откако ќе ги спроведете уставните измени, на кои што се обврзавте. Значи, се на се, позитивен момент за Северна Македонија, вели Схинас.
Во однос на тоа дали навистина верува дека регионот ќе биде европеизиран многу брзо, тој вели дека тоа е неповратен процес.
– Цврсто верувам дека ова е неповратен процес, кој нема алтернатива. Поддржан е од општеството и е вин-вин процес, кога во овие геополитички турбулентни времиња станува јасно дека на Европа и е потребен регионот, и на регионот му е потребна Европа. Затоа, да, можам да бидам обвинет за оптимизам, но навистина верувам дека процесот е неотповиклив, уверува Схинас.