Во 2015 година, во Бања Лука се формира ИТ-компанијата „Проинтер“, која оттогаш до денес е најактуелна фирма во тамошната јавност, од проста причина што веднаш почна да добива тендери, што и не би било толку „чудно“ и „интересно“ доколку друштвото не се доведуваше во врска со семејството на Милорад Додик, кој сам призна дека соработник на друштвото е неговиот син Игор Додик. Во меѓувреме, „Проинтер“ потпадна под капата на „Инфинити групацијата“, која неодамна го проширила бизнисот и во Македонија. За период од околу една година, македонската „Инфинити“ добила над 10 тендери вредни вкупно 1,5 милион евра, од кои највредниот договор е склучен со МВР…
Веќе повеќе од една година, во Македонија дејствува ИТ- компанија од групацијата што се смета за блиска до најмоќниот и највлијателен политичар во Република Српска и Босна и Херцеговина, Милорад Додик, кој, во поширок геостратегиски и безбедносен контекст, стана особено интересен за анализа по избивањето на војната во Украина поради неговите релации со Русија.
Притоа, не само што овој конгломерат поврзан со семејството Додиќ го проширил бизнисот и во Македонија, туку нивниот огранок во земјава, за период од околу една година, успеал да добие над 10 тендери од разни државни институции, чија вкупна вредност, според официјалните податоци, изнесува околу 1,5 милион евра.
За какви договори станува збор и со кои институции се склучени?
ЕДЕН ПОНУДУВАЧ
Станува збор за компанијата „Инфинити Енерџи ИТ Солушнс“, која, според податоците од Централниот регистар, е формирана во октомври 2020 година. Но, веќе во април следната 2021 година, или само половина година по нејзиното основање, оваа фирма го добива првиот тендер, и тоа во постапка со еден понудувач.
Патем, не се работи за некој минорен тендер од безначајна вредност, туку за договор за набавка на хардверска и софтверска опрема во износ од 130.000 евра, што оваа компанија, здружена со „Интек Систем“, го склучила со Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони.
Само два месеца подоцна, истата фирма го добива и вториот тендер во земјава, кој е уште повреден од првиот. Имено, друштвото, исто така во постапка со еден понудувач, овојпат во група со „Сага МК“, склучило договор со Катастарот на недвижности за информатичка и компјутерска опрема од околу 156.000 евра.
Набргу потоа, двете страни склучуваат уште еден договор, кој се однесува за превентивно и адаптивно одржување на ОССП-порталот, чија вредност изнесува речиси 114.000 евра. Во рамки на тендерската постапка, која повторно е спроведена без конкуренција, македонската „Инфинити“ учествува заедно со сестринската компанија од Бања Лука – „Проинтер“.
Како единствен понудувач, капитално поврзаните „Инфинити Енерџи ИТ Солушнс“ и „Проинтер“ добиле тендер и од Владата, која, во име на повеќе институции, склучила договор за државни испити од 125.000 евра. За потсетување, ова е истата работа, која претходно ја вршеше компанија поврзана со екс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој сега е на обвинителна клупа.
Што се однесува до македонската „Инфинити“, таа добила уште неколку релативно помали ИТ-тендери од скопски „Водовод и канализација“, Фондот за здравствено осигурување, МАРНЕТ… Сепак, убедливо најголемиот тендер, компанијата го добила од Министерството за внатрешни работи, каде што, за разлика од претходните случаи, се одржал конкурентен натпревар.
НАЈВРЕДНИОТ ТЕНДЕР
Што велат податоците од Бирото за јавни набавки? МВР и „Инфинити“ во јануари годинава склучиле договор за набавка на компјутери, печатачи, скенери, машини за печатница, во вкупна вредност од 60 милиони денари, или над 975.000 евра, што претставува две третини од вкупната вредност на договорите за јавна набавка што ги склучила компанијата во државава.
Во рамки на оваа тендерска постапка учествувале уште 4 понудувачи: „Неоком“, „Доајен Дата“, „Лирекс“, „Ланком компјутери“. На крајот, најдобар понудувач испаднала „Инфинити“, чија конечна и победничка понуда била 10 милиони денари пониска цена од проценетата вредност на набавката.
Токму преку милионскиот тендер склучен со МВР, во јавноста беше актуализирана компанијата „Инфинити Енерџи ИТ Солушнс“ од страна на потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој отворено ја поврза оваа фирма со членот на претседателството на БиХ и лидер на владејачкиот Сојуз на независните социјалдемократи – Додиќ.
-Значи, од една страна, (СДСМ и владата) зборуваат за прозападни вредности, а од друга страна, си прават бизнис и го нарушуваат безбедносниот сектор на Македонија со компании кои се директно поврзани со Милорад Додик – изјави Николоски за време на еден телевизиски настап.
Потоа, експресно стаса реакција од МВР на чело со министерот Оливер Спасовски. Од таму потврдија дека склучиле договор за јавна набавка на персонални компјутери со „Инфинити“, посочувајќи дека тие биле најповолен понудувач по спроведената електронска аукција. Арно ама, демантираа дека тендерската постапка била незаконска, како и дека во прашање била доведена безбедноста на државата.
„При евалуација на избраниот понудувач, констатирано е дека ги доставил сите барани документи согласно Законот за јавни набавки и истиот немал изречено забрана за учество по никој основ. Сите услови и спецификации што се побарани во јавната набавка се исполнети и не постои никаква можност за злоупотреба“, тврдат од полицијата.
МРЕЖА ОД КОМПАНИИ
Воедно, тогаш реагираа и од самата компанија „Инфинити“, од каде што посочија дека ги испочитувале сите законски процедури и на транспарентен начин го добиле тендерот за набавка на компјутери за МВР, кој, како што потенцираат од таму, се спроведувал во соработка со американската компанија и светски познатиот бренд – „Делл“.
„Остро ги отфрламе и наводите дека синот на Милорад Додик е сопственик, или, пак, некогаш бил сопственик на „Инфинити Интернешнел Груп“. Мнозински сопственик на „Инфинити Енерџи и ИТ Солушнс“ е „Инфинити Интернешнел Груп“, која има транспарентна сопственичка структура, која во секое време може да се провери преку увид во судскиот регистар“, се вели во соопштението од компанијата.
Проверките што ги извршивме во Централниот регистар покажуваат дека „Инфинити Интернешнел Груп“ поседува мнозински пакет или удел од 51 процент во македонската „Инфинити“, додека другите 49 отсто ги поседува македонскиот државјанин Милан Мисосављевиќ. Управител на друштвото, пак, е Дејан Кекеновски.
Она што треба да се истакне е дека „Инфинити Интернешнел Груп“ е чадор, кој обединува повеќе компании, а уште една од нејзините фирми-ќерки е веќе споменатата „Проинтер“, која, како што веќе напишавме, настапила во заеднички конзорциум со сестринската „Инфинити“ во тендерски постапки спроведувани од македонски институции.
Моментално, „Проинтер“ е под капата на ИИГ, меѓутоа таа е постара компанија од нејзиниот денешен сопственик. Според податоците од босанскиот трговски регистар, „Проинтер“ е основана во 2015 година, додека ИИГ е основана во 2020 година. Веднаш потоа, уште во текот на истата 2020, ИИГ влегува во сопственичката структура на „Проинтер“.
Денес, под чадорот на ИИГ спаѓаат и „Инфинити Медиа“, „ЕП Мобиле“, како субјекти во други соседни и странски држави. Додека, нејзината најпозната фирма- ќерка – „Проинтер“, поседува друга група на фирми, како што се „К-2 Аудио услуги“, „Иновативна корпорација“, „Алтернатива“, „Уна“…
ЈАВНО ПРИЗНАНИЕ
Во однос на овие меѓусебно поврзани фирми што важат за блиски до семејството Додик, веќе неколку години интензивно пишуваат босанските медиуми. Всушност, ваквите написи датираат од 2015 година, кога е формирана веќе споменатата компанија за информатичка технологија „Проинтер“. Сепак, мора да се појасни како хронолошки течеле промени во сопствеништвото на ова фамозно друштво.
Првично, „Проинтер“ е основана од Синиша Мијатовиќ и Дејан Илиќ, истакнати членови на СНДС на Додиќ. Заедно, тие поседувале 50 отсто од друштвото, а другата половина ѝ припаѓала на истоимената белградска компанија, чиј формален сопственик бил Слободан Квргиќ, меѓутоа во заднина стоел Славиша Кокез, некогашен телохранител на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Сепак, белградската „Проинтер“ на Квргиќ, односно Кокез, се задржува во структурата на истоимената бањалучка компанија до 2020 година, кога нивниот удел од 50 отсто преминува во рацете на тазе формираната „Инфинити Интернешнел Груп“, чиј формален сопственик е Ѓорѓе Ѓуриќ, додека управител е Бојан Вујчиќ, кој порано бил директор на „Проинтер“.
Во текот на овие 7 години, „Проинтер“ го доби епитетот фирма-шампион според соработката со јавните институции и претпријатија во Република Српска. Фаќајќи го бранот на дигитализација на институциите, оваа фирма досега преку повеќе од 600 јавни проекти инкасирала јавни пари во вредност од над 150 милиони конвертибилни марки, валута која денес се користи во федерацијата БиХ, каде што Р.Српска е посебен ентитет.
За цел овој период, непрекинато се пишува и говори дека „Проинтер“ е блиска до семејството на Милорад Додик. Впрочем, по долгогодишни прозивки и провокации од страна на новинарите, но и од страна на претставниците на опозицијата, Додиќ во 2019 година во парламентот признава дека неговиот син Игор Додик е поврзан со оваа фирма.
-Мојот син (Игор Додик) се образуваше во странство. Се врати како економист и се занимава со нови технологии. Не е ниту сопственик, ниту управител во таа фирма (се говори за „Проинтер“), ама е соработник на фирмата и од тоа има приходи – рече Додиќ пред околу 3 години, говорејќи за „успесите“ на своите деца.
КУМОВИТЕ ВО ПОХОД
Во меѓувреме, овој можен систем успева да ја заземе телевизијата Алтернатива, која се сметаше за една од малкуте оази на независното новинарство во земјата. Во 2017 година, телевизијата ја купи Слободан Станковиќ, кум на Милорад Додик и сопственик на „Интеграл инженеринг“, која гради автопати во БиХ и Србија. За мнозински пакет од 56 проценти, Станковиќ плати 4,5 милиони КМ (околу 2,25 милиони евра).
Понатаму, дел од акциите на Алтернатива беа во сопственост на Славиша Круниќ, сопственик на фирмата „Сектор секјурити“, кој пред да биде убиен во 2019 година му го продаде својот дел на Миле Радишиќ, исто така кум на постариот Додик. Дел од сопственоста, односно 20 отсто, имаше и фирмата „К-2 аудио сервис“ на работници на телевизијата, но и тоа го купи кумот Радишиќ.
На крајот, „Проинтер“ ја презеде целосната сопственост на АТВ, а Игор Додик во еден период дури се појавува и на средби со новинарите. Во тоа време, како што велат тамошните новинари, телевизијата добивала многу тендери за разни промоции, реклами и слично, откако претходно уредувачката политика драстично се промени, за веќе да може да се квалификува како прорежимска телевизија без никакви новинарски стандарди.
Поради очигледните конекции со Додик, оваа телевизија директно потпадна под санкциите на САД, кои го опфатија и лично најголемиот моќник во Р. Српска. Во извршната наредба потпишана од американскиот претседател Џо Бајден, стои дека Додиќ со своите потези го загрозува територијалниот интегритет и стабилноста на федерацијата БиХ
„Дестабилизирачките коруптивни активности на Милорад Додик и обидите да го разбие Дејтонскиот мировен договор, мотивирани од неговиот сопствен интерес, ја загрозуваат стабилноста на Босна и Херцеговина и на целиот регион“, истакна потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање на САД, Брајан Е. Нелсон.
Засега, друго лице од опкружувањето на Додиќ и друг правен субјект од неговата бизнис-империја официјално не е мета на американските санкции. Меѓутоа, факт е дека одлуката на Вашингтон да ги прошири санкциите веднаш предизвикаа домино-ефект, имајќи предвид дека беше објавена информација оти американски „Мајкрософт“ го раскина партнерството со „Проинтер“, што, се разбира, од оваа компанијата го демантираа.
ОДБИЕНА ТУЖБА
Инаку, босанскиот портал „Журнал“ пишуваше дека и светски реномираниот провајдер „ИБМ“ во 2019-2020 година, во неколку наврати барал од „Проинтер“ објаснување во врска со наводите дека добива наместени тендери. Дури, ИМБ го раскинал договорот, по што следуваше нервозното признание на Додиќ дека неговиот син има врска со „Проинтер“, ама само како соработник.
Авторка на овој и на дузина текстови поврзани со одливот на јавни пари кон „Проинтер“ поради поврзаност со семејството на Додиќ е Жана Гаук, која заработи и тужба од компанијата. Арно ама, Судот во Бања Лука ја отфрли тужбата на компанијата, со што ги потврди објавените информации.
Како ќе се развива оваа приказна и дали ќе фати сличен терк и во Македонија?
РАМКА
Дејан Кекеновски, управител на македонската „Инфинити“
БРЗОТО ЕТАБЛИРАЊЕ Е РЕЗУЛТАТ НА ЕКСПЕРТИЗА И ИСКУСТВО
„Инфинити Енерџи и ИТС“ е компанија, која го става квалитетот во фокусот на своето деловно работење, вели управителот на друштвото, Дејан Кекеновски.
Во одговорите што ги испрати до „Фокус“, тој посочува дека компанијата е регистриран партнер на „Мајкрософт“, со кој, како што посочува, има воспоставено одлична соработка, додека за хардверскиот и софтверскиот дел соработуваат со компаниите „Cisco“, „DELL“, „EMC“, „HPE“, „Lenovo“, „Fujitsu“, „Veeam“, „Bitdefender“, „Veritas“, „SOPHOS“, „FORTINET“.
„Нудиме вендорски решенијa за софтвер ,САП кои се воедно и наш златен партнер, DMS – Hyland OnBase, CRM- Microsoft Dynamics 365 и др. Дополнително, располагаме и со неколку сопствени софтверски решенија за DMS, Тикетинг, Eлектронска наплата и други – објаснува Кекеновски.
Тој додава дека поголемиот дел од приходите на компанијата се врз основа на соработки со други компании, меѓутоа изминатата 2021 година реализирале значајни проекти и за некои од јавните институции.
– Бројките се само показател дека за време на нашето релативно кратко дејствување, можеме да се пофалиме со повеќезначајни проекти, но секако нашето брзо етаблирање се должи и на високата експертиза и искуство на групацијата Инфинити – вели Кекеновски.
Според него, компанијата за 2021 година регистрирала вкупни приходи од 825.000 евра, од кои 390.000 евра се базираат на јавни набавки.
Воедно, тој истакнува дека создале висококвалификуван тим, кој во моментов брои 23 вработени, меѓутоа, како што порачува, целта е до крајот на 2022 година овој број да се удвои.
За неделникот Фокус пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ