вторник, 26. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Што кажа Латас пред судот во завршен збор за „Тревник“?

Што кажа Латас пред судот во завршен збор за „Тревник“?

Денес заврши судењето за предметот на СЈО именуван Тревник, обвинение за новинарот Драган Павловиќ Латас и неговите двајца браќа дека граделе викенд куќи на свое земјиште во општина Зелениково пред да добијат градежна дозвола и имотен лист во Катастар. Обвинети се три лица, а нивни бранители се адвокатките Светлана Савиќ и Анита Бегова.

Завршен збор за СЈО даде обвинителката во случајот што предизвика бурни реакции во судницата бидејќи детали од нејзиниот завршен збор почнаа да се појавуваат на порталите блиски до СДСМ уште додека таа зборуваше, а новинари во судницата немаше. Обвинителката зборуваше два часа претежно опишувајќи ги 170-те преслушани нелегални телефонски разговори и уплатите на Латас до изведувачот на градежните работи, фирмата Диз Оил од Скопје. Бидејќи опширно се објави што е обвинението, да ја видиме и другата страна, одбаранта.

Завршниот збор на обвинетиот Латас траеше повеќе од двојно помалку затоа што, според него, се е јасно и битно е да се зборува за закони и прописи, а не да се раскажуваат работи видени веќе во текот на судењето.

Помеѓу останатото, Латас забележеа дека обвинителството гради обвинение без вештачење на градбата што значи дека не е изработена динамика и стручен историјат на градењето, односно без вештак градежен експерт иако се работи за закон кој уредува бесправна градба па останува судот кој е составен од правници сам набрзина да учи градежни науки и постапки, или да проценува по претпоставките на СЈО.

Наведе дека сите тројца сведоци на СЈО: изведувачот на градбата, геометарот како и градоначалникот на Зелениково кој е надлежен орган за надзор и издавање на Одобрение за градба како сведоци пред судот лично потврдиле дека куќите се градени по добивање на Одобрение за градба, од јануари 2013-година, а не од јули 2011 како што стои во обвинението. Геометарот сведочеше дека бил на локацијата во Зелениково во средината на 2012 година и забележал два, а не три објекти кои биле изградени на ниво на прва надземна плоча затоа што заради статика морале да бидат поврзани со голем потпорен ѕид бидејќи се појавило клизење на теренот на туѓ имот, што го потврди во сведочење и изведувачот на работите.

И вештачењето на Гугл мапс сликите на Обвинителството тврди дека во втората половина на 2012 има видни на тоа ниво два објекти а не три. Се поставува прашање кои се тие два објекти, зошто не се три како што е обвинението и кои се двата, а кој од тројцата обвинети не градел воопшто? За две години судење СЈО воопшто не даде одговор на овие прашања.

Во врска со снимките од Гугл беа презнтирани акти на Гугл во кои изрично се забранува употреба на нивните снимки во судски процеси, се забранува без нивна писмена согласнот употреба заради кршење авторски права и во два акти на Гугл самата компанија тврди дека не гарантира точност и веродостојност на податоците од снимките. Латас и одбраната се повикаа и на закони со кои се забранува неовластено снимање и, најважно, дека според ЗКП не може да се употребуваат докази ако обвинителството го нема оригиналот од снимките, како што ги нема и во овој случај. Токму затоа никогаш досега ваков предмет не е суден врз основа на снимки од Гугл, наведе одбраната.

Во врска со телефонските разговори стручен експерт изнесе писмени докази дека тие не може да се сметаат веродостојни во однос на времето кое е наведено дека се реалзиирани, бидејќи се копии од копија а не потекнуваат од оригинали, а времето на создавање лесно се менува. Како дополнителен доказ дека времето на разговорите не е веродостојно се изнесоа 10 разговори за кои се тврди дека се извршени околу полноќ, и потоа според содржината видно е дека се правени дење, кога соговорниците со во банка, на работа или на градежниот објект. Ако времето на тие разговори е лажно, и не одговара на дејствоето, кој е основот дека останатите се реализирани во време кое го наведува СЈО, праша Латас.

Дури и да се донесе осудителна пресуда, изјави Латас, не е можно таа да се спроведе. Објектите според обвинителството се градени од јули 2011, прво барање за Одобрение за градба е поднесено во март 2012 на кое општината не одговорила бидејќи била блокирана и немала кадар, градежен инспектор да излезе на терен. Второто барање е од декември 2012 по кое е добиено Одобрние за градба. Во целиот тој период надлежни лица од Општината добиле целокупна документација за постапките пред Одобрение за градба почнувајќи уште од 2010 година, биле на терен и комуницирале со тие што градат што беше видно и од телефонските разговори и од сведочењето на градоначалникот.

Никој не градел тајно и надвор од рокови. Според документација на изведувачот на градбата, како и документација на надлежниот орган Општина Зелениково и на Катастарот градбата е завршена во 2015 година. Нема градежно вештачење за историјатот на градбата, и никој стручно не утврдил што и колку, по обем и вредност, е изградено до јануари 2013, а што потоа. Што може да се смета за изградено во обвинителен период и да се одзема, а што од куќата е градено по јануари 2013 година, и не може да биде одземено.

Наместо прераскажување разговори, одбраната и Латас се фокусираа на закони, сведочења и документи. Клучен елемент на одбраната е Одлука на Уставниот суд која беше презетирана и цитирана, како и цитат на законот за сопственост член 121 кој вели: Градителот на објектот од став 1 на овој член кој гради на свое или туѓо земјиште под услови утврдени во овој закон, може да стекне сопственост на таков објект, односно градбата да се легализира, доколку објектот се вклопува во урбанистичкиот план, а градбата се потврди со одобрение за градење од надлежен орган и се запише во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.

Објектот кој е предмет на обвинение е изграден на приватно земјиште, согласно урбанистички план и локациски услови за градба. Потврден е со Одобрение за градба и запишан е во јавната книга на Катастарот како недвижност. Ниту еден надлежен орган пред, за време и по градбата не утврдил неправилности и незаконитости. Латас изјави дека оваа куќа во Зелениково е единствен недвижен објект кој го има како лична сопственост, и дека од 2016-та таму живее со своето семејство.

Никој никогаш во Македонија, од 1946 до денес, не одговарал за дивоградба ако има Одобрение за градба и упис на објектот во Катастар, потенцираше одбраната, ова е прв и единствен таков случај во Македонија што доволно говори за мотивите на обвинителството.

На крајот на одбраналат Латас го кажа следното:

„Ова е политички а не кривичен предмет. Пресуда за вербален деликт, за мојата работа, а потоа само се барал основ од друго дело. Уште со прес конфенренцијата кога се изнесени имиња и детали од истрагата сторено е прекршување на законот, а две години за овој предмет повеќе се зборува на улица и по портали, отколку во судница. Се објавуват само ставови на СЈО а никогаш ставови на одбраната, и тоа е создавање атмосфера на прогон и вина пред да се пресуди од страна на судот. СДСМ и Заев ги најавија овие судења пред три години, со детали и описи, и јавно искажани директни барања до СЈО за обвинеие, а од судот за пресуда, тоа е серија јавно познати изјави од тие извори.

СЈО врши јавен силен притисок сите нивни обвиненија да бидат со пресудена вина. Според Амнести интернешнел во извештајот за 2018 година, највисока стапка на пресудена вина во однос на кривични обвиненија има во Авганистан каде што се суди според шеријатското право, таму за виновни се осудени 89% од обвинетите. СЈО бара 100% извршителност.

Верувам дека овој суд ќе суди според докази и според закон, без влијанија надвор од оваа судница. Дека пресудата ќе ја донесе судот, а не обвинителот“.

Објава на пресудата е закажана за четврток, 4 јули.

ИЗВОР: ВЕЧЕР

Најнови вести