Претседателот на СОНК, Јаким Неделков информира како се одвива вториот ден од генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средните училишта, за остварување на социјалните барања.
-Во текот на денешниот ден, сите синдикални организации на СОНК се во Генерален штрајк, дополнително со зголемен број на колешки и колеги кои се приклучиле кон штрајкот. Посериозни проблеми или притисоци врз штрајкувачите не се регистрирани до овој момент, а доколку има такви дејствија и пристигнат Изјави до нас, јавноста ќе биде благовремено информирана, вели Неделков.
Посочува дека во текот на денешниот ден очекуваат покана за работна средба од страна на надлежните институции, а за времето на одржување на средбата и резултатите од неа, дополнително ќе информираат.
-СОНК се надева дека ресорните министерства или Владата ќе излезат со конкретен и прифатлив предлог за зголемување на платите во гореспоменатите дејности односно со предлог кој ќе биде прифатлив од мнозинството на членови на СОНК. Со тоа би се донело, во најкраток можен рок, одлука за прекин на штрајкот и продолжување на нормалниот тек на воспитно – образовниот процес, нагласува претседателот на СОНК.