Професор Гордана Силјановска Давкова, носител на листата на кандидати за пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 1 на дебатата во телевизија 24 се осврна на новиот Закон за јавно обвинителство. Професорката порача и дека без право нема ништо ни инвестиции, ни Европска унија.
„Сите го критикуваа Законот за јавно обвинителство, сите експерти од Слаѓана Тасева, професор Гордан Калајџиев, јас го критикував“, рече Силјановска.
Според професорката Силјановска сега има нереална ситуација или пукаат бомби на сите страни, а ние имаме Закон за јавно обвинителство кој не ги зема во предвид бомбите.
„Случаи треба да има за се она за кое има било какви индиции за корупција и криминал. Не може да се вели дека ваков Закон за јавно обвинителство ни е приоритет, има многу недоречености. Но, веќе е донесен“, рече Силјановска.
На крајот на дебатата професор Силјановска порача дека мора да има владеење на правото или почитување на законите и Уставот и ги повика граѓаните да гласаат на 15 јули.
„Мислам дека граѓаните треба да гласаат затоа што ќе ги претставувам граѓаните, верувам во проектите, знам што треба да се направи со Собранието, Владата, знам дека без владеење на право нема ни инвестиции, ни млади, ни Европска унија“, заклучи Силјановска.