Власта селективно ја чита состојбата, и менува закони со кои треба да се спроведува политичка волја, рече Гордана Силјановска Давкова на дебатата на денешната собраниска седница во однос на измените и дополнувањата на Законот за научно-истражувачка дејност.
-Ако велите лична причина и менувате за тоа закон, тоа е неразумно. Поради лична причина како болест, породилно продолжување може да има и сега. Ова што се прави сега да се менува закон тоа е политика, тоа е прашање на политичка одлука, рече Силјановска.
Професорката ја објасни ситуацијата каква е во моментов со научно истражувачката дејност.
-Како асистент може да се вработи само некој кој е магистер или докторанд. Сега им давате за магистрирање пет години, па зошто, зошто вака, не е тоа многу, нели има воспоставен систем. Сега законот вели три години студии плус две магистратура или четири со една година. Ова што го правите сега е кршење на автономијата, ставање во образованите институции на луѓе кои не им е место таму. Со ова ги демотивирате оние кои работат како што треба. Тие што прават се во рок ќе бегаат надвор, објасни Силјановска.
Според неа ова и може да биде сфатливо само во случај ако некој не е од образованието, ама не е несфатливо како тоа го зборуваат или прават луѓе од фелата.
-Со ова власта ја брани потпросечноста, па тоа ли ви е целта, праша Силјановска.