Производството на ЕСМ континуирано опаѓа од година во година, вели Орце Симов од Сојузот на стопански комори, во вечерашното гостување во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.
„Во 2018 ЕСМ произвело 4,116 гигават часови, 4,231 во 2019та година, но понатаму секоја година падот е 15 проценти. Во 2020 та година паднал 15 проценти во однос на 2019-та година на 2,595 гигават часови“, рече Симов.
Тој потенцираше дека проблемот е што ние немаме капацитети, нашите капацитети се намалуваат, еве секоја година паѓа по 15 проценти.
„Електричната енергија е доста висока, доста скапа во Република Македонија, тоа е затоа што домашниот производител на електрична енергија не произведува доволно електрична енергија и ние сме приморани да купуваме електрична енергија од странство“, посочи Симов.
Симов заклучи дека ликвидноста и стабилноста на компаниите сега во моментот е доведена во прашање поради високата набавка на енергенси, инфлација и други негативни фактори кои во моментот ги имаме на пазарот.