Пекарската индустрија е стратешка индустрија која произведува стратешки производи и во таа индустрија работат голем број на компании. Доколку постојат пекарски картели тогаш соодветно треба да постапат институциите, истакна Орце Симов потпретседателот на Сојузот на стопански комори во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телевизија Телма.
„Од една страна разбирливо е тоа што владата сака да ја намали цената на лебот се со цел да се намалат трошоците на граѓаните, меѓутоа тоа треба да не биде на терет на компаниите од пекарската индустрија и треба да се соработува и разговара со нив. Како и заеднички да се изнајдат механизми како тоа да се направи“, рече Симов
Симов посочи дека потребно е да се ослободат и делови од стоковите резерви. Односно да се даде брашно и по пониска цена од пазарната цена.
„Владата која ја замрзна цената се со цел да го заштити стандардот на граѓаните требаше поинтензивно да соработува со пекарската индустрија и да изнајдат и други начини како да се намалат трошоците во производството“, кажа Симов.
Тој додаде дека не смееме да се дозволи пекарската индустрија да се најде во проблеми и да се доведе во прашање нивната ликвидност.
„Членките од пекарската индустрија се жалат и не се задоволни од мерката со замрзнување на цената на лебот. Според нивните кажувања и пресметки тие работат со загуба и на некој начин не се рентабилни со замрзнатата цена на лебот“, изјави Симов.