Претседателството и Советот на Сојузот на синдикати на Македонија, заедно со штрајкувачките одбори денеска ја блокираа улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора во центарот на Скопје во знак на незадоволство од предлогот на работодавачите за методологијата на минималната плата.
За синдикатот, предлогот е неприфатлив бидејќи нивните пресметки покажале дека минималната плата би се зголемила на 16.164 денари, а синдикатот бара минималната плата да изнесува 18.000 денари и скалесто зголемување на сите останати плати.
– Да не застанеме додека не го добиеме нашето право. Доста беше да им бидеме слуги на работодавачите. Со 15 илјади денари не можеме да го поминеме месецот. Во џебовите на работодавачите завршуваат 60 проценти од профитот. Мора да престане и исплатата на плата во плик затоа што нашиот работник утре ќе биде пензионер и ќе стане социјален случај, порачаа синдикалците.
Најавија дека доколку денеска на седницата на Економско-социјалниот совет не бидат прифатени нивните барања за зголемување на минималната плата на 18.000 денари и за скалесто зголемување на сите останати плати, ќе организираат генерален штрајк и други облици на притисок како блокирање на улици и фабрики.
На 10 февруари, за кога е закажана собраниската седница на чиј дневен ред е Предлог-законот за измени на Законот за минимална плата, ќе организираат собир пред Собранието.
– Од ова нема враќање. На потег се Владата и работодавачите. Работникот зема 15 илјади денари, а минималната потрошувачка кошничка е 35 илјади денари. Пораката е егзистенција, ништо повеќе, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.
Според Димовски, со зголемувањето на минималната плата бенефит ќе имаат и работниците, и работодавачите и државата- работникот ќе добие достоинствена плата за да го помине месецот, работодавачите ќе добијат мотивирани работници и ќе ја зголемат продуктивноста, а државата по основ на придонеси на месечно ниво ќе има прилив од 2.750.000 евра од 110.000 работници кои земаат минимална плата.
За денеска е закажана и седница на Економско-социјалниот совет на која повторно ќе се разговара за зголемување на минималната плата откако во средата не беше постигнат договор.