Српската, хрватската, албанската, француската, италијанската, словенечката, перуанската, колумбиската, црногорската, швајцарската, американската, германската… полиција организираа потери, акции, следеа, воведуваа посебни истражни мерки, разменуваа информации, распишуваа потерници по разноразни криминалци, разбојници, шверцери, наркобосови, терористи, убијци…, а македонската полиција им издаваше македонски пасоши со украдени идентитети, со кои без проблем ги минуваа границите и си продолжуваа со својот „бизнис“. Вака накратко може да се опише актуелната афера „Двојник“ или „Мафија“, за која во Македонија досега пресуда е донесена само за девет службеници на МВР. Истрагата е во тек, велат надлежните.
МКД.мк во неколку продолженија врз основа на обвинението за аферата „Двојник“ и со мало пребарување на интернет објави неколку продолженија за тоа кој сѐ од јуни 2017 до февруари 2021 година добил македонски пасош.
Во текот на истрагата во Македонија утврдено е дека биле издадени 215 фалсификувани македонски пасоши, од кои засега се познати идентитетите на педесетина. Знаеме дека се работи за издавање македонски пасоши на сериозни криминалци, шефови на големи наркокартели, банди, кланови, убијци, разбојници, познати бандити, но не дознавме кој од повисоките ешалони од македонската власт е замешан во сето ова. Фатени и осудени се 11 лица, 9 службеници вработени во МВР, кои сето ова го спроведувале, фотографирале, запишувале, земале отпечатоци од прсти, се потпишувале на формуларите и на светските бандити им ги издавале новите документи со украдени идентитети на македонски државјани, кои со години не доаѓале во државата.
Повеќе прочитајте ТУКА