Одбраната на денешната расправа за случајот „Титаник“ во кој се обвинети поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протугер, поранешниот генерален секретар на владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, и уште петнаесетина други лица бара одложување на расправата. Тие бараат подолг рок за увид во доказите бидејќи се работи за многу обемен предмет, а судот им дозволил само три термини.
Одбраната бараше можност да изврши увид во списите на овој обемен предмет. Тие се обратиле до СЈО, и обвинителството им дало ЦД во електронска форма. Но, одбраната констатирала дека во ЦД-то ги немало предложените докази од листата. Значи листата и ЦД-то не биле идентични.
-Обвинителите не контактираа и ни беа предадени ЦД-иња кои прв пат се дадени на увид. На 14 март се обративме до судот со молба да ни се дозволи увид. На 27 март од страна на службеник во Судот ни беше соопштено дека дадени ни се само 3 термини и тоа од 27 до 30 март за овој обемен предмет, рече адвокатот Сања Алексиќ.
На ова се надоврза и адвокатот Тања Поповски бранител на обвинетата Билјана Бришковска, која изјави дека нејзиниот клиент и воопшто го нема ЦД-то.
Сите обвинети се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право.