Надлежните во „Дрисла“ последните мерења на загадувањето околу депонијата на нивната веб-страница ги објавиле во декември 2017 година. Според Дијана Велјановска, шеф на Кабинетот на директорот Горан Ангелов, мерењата се скапи и не може да се прават често, пишува Макфакс.
„Мерењата ги прави ФИНКИ и ние не сме во можност постојано да плаќаме за да се извршуваат овие мерења. Согорувањето е контролирано и се почитуваат востановените стандарди“, вели Велјановска за Макфакс.
Граѓаните во блиските населени места до скопската депонија „Дрисла“ реагираат дека постојано се чувствува енормната загаденост, мирис на чад од најразлични материи што согоруваат во печките на депонијата. Оваа состојба се влошува во вечерните часови.
Град Скопје се оградува и од таму велат дека тие немаат надлежност да бараат од „Дрисла“ да спроведува мерења.