Министерката за правда Рената Дескоска се пофали на Фејсбук дека Венецијанската комисија ја прифатила нејзината номинација за член на истата.
Скандалот да биде поголем, Дескоска во фалбата вели: „Денеска е прифатена мојата номинација за член на Венецијанската комисија. Тоа е и потврда дека се исполнети критериумите за членство во комисијата. Благодарам за довербата!“
Прашањето е како министерката може да се фали дека нешто е наводно прифатено, кога Комисијата функционира на поинаков начин – државата предлага преку министерството за правда, а Венецијанска само го прифаќа понуденото решение или номинација, без да приговара за истото. Ова е голем правен преседан кој за Курир пред 20-на дена при ноиминацијата го потврдија и професори по уставно право.
Всушност, Дескоска и „благодари“ на довербата која Венецијанската комисија ја има во државата Македонија, верувајќи ни дека никој не би сторил ваков правен преседан.
Експертите одамна потврдија дека некој шири невистини на ова поле, тврдејќи дека изборот го врши Комисијата. Вистината е дека Венецијанска само ја прифаќа номинацијата, сметајќи дека државата направила добар избор и се потрудила избраникот на Македонија да ги исполнува условите.
Во овој случај, Рената Дескоска како министер за правда беше предложена од своето министерство, т.е. се самопредложи за нешто што знаеше дека само ќе биде констатирано, а не и разгледувано.
Познавачите на состојбите овој чин го толкуваат како ново вдомување на заслужните социјалдемократи пред избори. Дел од нив, претходно избегаа во кабинетот на Стево Пендаровски. Се очекува нов бран на вдомувања по разни основи. Стравот е јасен, велат експертите за Курир – соочени со изборите и нивниот резултат, социјалдемократите ќе се „снаоѓаат“ кој како знае и умее.
Индикативно, Дескоска ова го објави на ФБ во 19 часот, само 6 часа по прес-конференцијата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој во 13 часот вчера побара Антикорупциска по допрен глас да отвори истрага за овој голем скандал во министерството за правда.
Антикорупциска втор ден молчи, а гласот никако да допре до нив.