МЕПСО ќе се поднови со фотелји од телешка кожа. Пред 15тина дена МЕПСО склучила договор вреден 212 илјади евра, со „Леснина ми“, фирма од која ќе купат кујни, канцелариски мебел и гарнитури. Во договорот за јавна набавка, највпечатливи се 39-те парчиња клуб фотелји, за кои е потенцирано дека мора да бидат тапацирани со природна телешка кожа. За нив компанијата ќе плати речиси 14 илјади евра.
Од компанијата тврдат дека нема недомаќинско трошење пари, а мебелот не бил наменет за директорите, туку за состаноци и прием на странките.
Но, во документот пишува:
„Фотељата треба да биде со димензии од 65/65/Х до 70/70/Х дрвена конструкција во комбинација со лесонит и иверка, обложена со тврд сунѓер со густина од тврдина 30кг/м3, со метални ногарки со димензии од 6цм или минимум фи-6цм и седишта и наслон од природна телешка кожа. Предложениот модел на фотења треба да е достапен во најмалку 5 бои.“
28 вакви фотелји се за канцеларијата на директорот на сектор, пет за генералниот директор Сашо Василевски кои чинат по минимум 400 евра и шест за неговата секретарката.
И покрај јасната ставка во документот, од МЕПСО се правдаат дека директорите нема да седат на тие фотељи, туку нивните гости, и дека морале да го купат мебелот бидејќи оној кој го користат бил стар 20 години. Тие, како што велат, дури и ја намалиле сумата која била претходно предвидена од половина милион евра, на двојно пониска цена.
МЕПСО од своето основање во 2005 година, сега за прв пат прави сеопфатна набавка на мебел и инвентар. Над 80 отсто од мебелот и инвентарот што е во употреба во МЕПСО е наследен од поранешното јавно претпријатие ЕСМ и е постар од 20 години, а мебелот во канцеларијата на генералниот директор, е стар повеќе од 12 години.
Потребата од сеопфатна набавка на мебел се наметна со процесот на реконструкција на дирекцијата на МЕПСО. Набавени се повеќе од 400 елементи канцелариски мебел потребен за нормално функционирање на компанијата, велат од компанијата.
МЕПСО често е во фокусот на јавноста по скандали дека вработува партиски кадри. Последниот случај е вработувањето на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши.