Слаби врнежи од снег утриава има на Попова Шапка, како и на планинските премини Пресека и Ѓавато, но без проблеми во одвивањето на сообраќајот. Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, соопшти АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.