„Управните одбори кои што исто така се апострофирани, не случајно преку нив се посочува прст кон мнозинството на Советот предводено од Коалицијата „Обнова на Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ, Управните одбори по Закон имаат сосема друга функција. Имам чувство дека граоначалникот Арсовска иако нели ние ја претставивме како менаџер со искуство и така натаму, не прави разлика меѓу функциите управување и раководење. Значи Советите на Општините, Градот Скопје преку избрани претставници што ги назначуваат во Управните и Надзорните одбори ја вршат функцијата управување. Управниот одбор ја поставува рамката за работење на претпријатието, врши одредена контрола, стратегиски правци, планови и итн. Но, не секојдневното работење. Не може да очекувате и членовите на Управните одбори кои што не ја вршат функцијата професионално таму, за ралика од директорот и неговите тимови да имаат увид во тековното, секојдневно работење“, истакна Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во централниот дневник на Сител телевизија.
Славески додаде дека за него лично, но и за советниците оваа ситуација со ЈСП дојде сосема неочекувано.
„Ние не можеме на дневна основа да следиме што се случува со јавните претпријатија. Добиваме тримесечни извештаи, ги ставаме на седници на Совет, советниците дискутираат. Еве дури и се доцни со извештајот на ЈСП. Можам да ви кажам дека од „Паркови и зеленило“ имаме извештај, од „Комунална хигиена“ и од „Лајка“. За овие три претпријатија што ги спомнав „Комунална хигиена“ има загуба од околу 40 милиони денари, а додека „Паркови и зеленило“ има добивка некаде од околу 18 милиони денари, 300.000 евра со деветте месеци заклучно со септември. А, додека пак „Лајка“ е тука некаде на позитивна нула, некаде околу 4.000 евра, во плус се. А, за останатите немам информација“, заклучи тој.
Тој посочи дека од „Лајка“ и на претходната седница имаат доставено барање за дополнителни средства за субвенции од Град Скопје.