Гледаме дека во континуитет овие неколку дена од понеделникот директорите објаснуваат, даваат аргументи вклучително и на некои медиуми преку соопштенија, преку статуси на социјалните мрежи, а денес имаме молк од кабинетот на градоначалникот и од госпоѓата Арсовска после и од нејзина страна изнесени тешки обвинувања, истакна Трајко Славески член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на советот на Град Скопје.
Дополнително Славески потенцираше дека после неколку месечно следење на активностите на Арсовска од страна на партијата, донеле став дека е далеку од очекувањата за перфомансот на градоначалниката Данела Арсовска, тој посочи дека неговото мислење е дека нема да дојде до откажување од овој капитален проект важен за скопјани.
Тој потврди дека градоначалничката не воспоставила комуникација која е природна помеѓу градоначалник и претседател на совет, потврдувајќи ги аргументите на екс-директорите за односот на Арсовска кон соработниците.
-Не сме разговарале за оставка во партијата, но ако се испостави сега дека има прекршоци од страна на градоначалникот Арсовска во смисла на антидатирање на документи како што е истакнато на прес-конференции итн, понатаму ако се испостави дека упадот во процесот на избор на најповолен понудувач, протекувањето на информации во некој медиуми два дена пред отворање на понудите, тоа е сериозна работа, во тој случај по закон може да бараме примена на законот, интервенција на органите на правосудството а тоа значи дека ќе има посериозни консеквенци. Како претседател на советот, како и до сега се трудам и ќе обезбедам оние прашања и проекти што се во интерес на скопјани, некој што ние заедно работејќи на програмата минатата година сме ги поддржале и предложиле, ќе ги поддржуваме и понатаму, рече Славески.