Професорот Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување на дебатата на телевизија 24 се осврна на проектите од програмата со која ВМРО-ДПМНЕ настапува на овие предвремени парламентарни избори.
„Она што е клучно во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Проект обнова, е што тука започнуваме со она „се обврзуваме“. Тоа е клучно, затоа ние се од напишаното во програмата имаме план да го реализираме. За периодот во меѓувреме ќе мора да се санираат последиците предизвикани од корона вирусот, и ние имаме преодна стратегија или како во 100 дена да ги решиме тие проблеми за да стартуваме со реализација на програмата. Во програмата има четири столба и започнуваме со ефикасна држава и силни институции тука се поволни услови за бизнис, јавните финансии, потоа втор столб, тука акцент е на конкурентен приватен сектор бидејќи преку 80 проценти од граѓаните тука заработуваат за својата живеачка. Трет столб е интегрирана, стабилна и безбедна држава, како и четврт но многу важен столб се подобри услови за живот на граѓаните и тука е здравство, образование, уметност, млади граѓански сектор и слично“, рече Славески.
Тој посочи дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ е одговор на новото време, ова е понуда на модел на раст.
Професорот Славески се осврна и на тоа како компаниите не издржаа ниту на краток рок откога се појави корона кризата.
„Се покажа дека не можат компаниите да издржат ниту месец – два ако не работат. Прва грешка која се направи беше тоа што немаше помош за март, а ние укажавме на тоа. По наши укажувања помошта продолжи и во јуни. Ние предвидуваме таа помош што им беше дадена на претпријатијата да не се враќа, а ќе биде неопходно помошта да продолжи и во летниот период или и во јули и август“, рече Славески.
Професор Славески на дебатата се осврна и на даночниот систем, укажувајќи дека едно од правилата за дaночната политика е дека таа треба да биде предвидлива.
„СДСМ заговара неизвесност, тоа ќе го прекине ВМРО-ДПМНЕ и ќе го врати рамниот данок. СДСМ воведе прогресивен данок, создадоа неизвесност, па го укинаа по девет месеци и сега повторно во програмата велат воведување, па ќе имало и дискусии. Кој може да и даде на една партија десет години да не може да се одлучи какви даноци треба да има во државата. Таквата политика создава неизвесност“, рече Славески.