петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Случајот со Љубе Бошковски е доказ дека политички бегства не се можни без знаење на државата

Случајот со Љубе Бошковски е доказ дека политички бегства не се можни без знаење на државата

Случајот со екс премиерот Никола Груевски кој ја напушти државата и објави дека се наоѓа во Будимпешта каде и бара политички азил во Унгарија не е единствен во поновата македонска историја.

Таков случај беше тој од 2004 година кога поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски ја напушти државата и отиде во Хрватска иако Собранието му го одзеде имунитетот и требаше да биде уапсен.

Тогаш Бошковски под „мистериозни“ услови успеа да пребегне во Хрватска.

Никој од македонската влада тогаш предводена од СДСМ не излезе со информација каде се наоѓа  се до оној момент кога Љубе Бошковски се појави на хрватската телевизија, па дури тогаш министерот за внатрешни работи Хари Костов, потврди дека тој побегнал.

Костов велеше дека не знае како Бошковски ја поминал границата. „Љубе Бошковски ја напуштил Македонија илегално“, тврдеше тогаш министерот за внатрешни работи Хари Костов.

Адвокатот на Бошковски, пак го тврдеше спротивното, дека поранешниот министер најлегално ја поминал македонско – српската граница. Во Хрватска не постои никакво барање од македонските власти за некаков прогон.

„Границата ја помина потполно легално, дури се поздрави со македонската полиција. Тој ќе остане во Хрватска се додека македонските власти не покажат желба да му пружат правична судска постапка“, изјави тогаш Невен Цирквени, адвокат на Љубе Бошковски.

За тогашниот прв полицаец, МВР не беше виновна што Бошковски побегнал, Костов тогаш тврдеше дека полицијата знаела дека тој побегнал во сабота, кога до МВР немало налог за негово приведување. „Околу тоа што Бошковски не е во Македонија МВР нема никаква вина“, велеше Костов.

Експертите тогаш тврдеа дека Бошковски не би можел да ја напушти државата освен ако не било дозволено од некого од тогашната власт предводена од СДСМ.

Најнови вести