среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Со дозволата за работа на бугарски универзитет со исто име во Македонија се подрива автономијата на „Свети Кирил и Методиј“

Со дозволата за работа на бугарски универзитет со исто име во Македонија се подрива автономијата на „Свети Кирил и Методиј“

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), доби близнак од Бугарија – универзитет со ист назив, кој доби одобрение од Владата да врши високообразовна дејност во Република Македонија, пишува САКАМДАКАЖАМ.МК.

Одлуката која е донесена, во член 1 гласи: „Со оваа одлука на странската високообразовна установа Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј“, со седиште на ул. „Теодосиј Терновски 2“ 5003 Велико Трново, Република Бугарија, акредитирана за вршење на високообразовна дејност од страна на Националната агенција за оценување и акредитација на Република Бугарија, се дава одобрение за вршење на високообразовна дејност на територијата на Република Северна Македонија“.

Ректоратот на УКИМ два дена не реагира, ректорот Јанкуловски воопшто не се јавува, а и Правниот факултет „Јустинијан Први“ молчи, без да објасни дали Владата со својата постапка го крши Законот за авторски права и индустриска сопственост, дозволувајќи (странски) универзитет со исто име паралелно да работи на наша територија.

На прашањето зошто Владата даде одобрение на странски универзитет со исто име како нашиот најреномиран и најстар универзитет „Свети Кирил и Методиј“, за САКАМДАКАЖАМ.МК одговорија дека сè е по закон и прописи, и дека називот: ВЕЛИКОТРНОВСКИ УНИВЕРЗИТЕТ „Свети Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново се разликува од нашиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.

Правни експерти во областа на авторското право и индустриската сопственост реагираа на одлуката на Владата да дозволи регистрација на универзитет со исто име. Адвокатот Валентин Пепељугоски смета дека бугарскиот истоимен универзитет требало да го смени името за настава во Македонија и тогаш не би имало проблем да го добие одобрението.

Пепељугоски набројува членови од три закони кои Владата ги крши со одлуката: Законот за авторски права и индустриска сопственост, Законот за установите и членови од Законот за трговски друштва.

Согласно член 177 и 178 од Законот за индустриската сопственост, со трговска марка не може да се заштити знак: кој содржи или имитира лик или име на историска или умрена знаменита личност од Северна Македонија, освен со дозвола на надлежен орган на државната управа и кој содржи или имитира име, облик или друг препознатлив дел на заштитено културно наследство на Северна Македонија, освен со дозвола на надлежен орган на државната управа. Исто така, со трговска марка не може да се заштити ниту знак кој е идентичен со порано пријавена или регистрирана трговска марка на друго лице за ист вид стоки или услуги, и кој е идентичен или сличен со порано пријавена или регистрирана трговска марка на друго лице за ист или сличен вид стоки, односно услуги, доколку таа сличност може да создаде забуна кај просечниот потрошувач, вклучително и можност од асоцијација со порано пријавената или порано регистрираната трговска марка.

„Бидејќи Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје, Северна Македонија е запишан во регистарот пред Универзитетот Св.Св. Кирил и Методиј од Велико Трново, Република Бугарија, тоа значи дека се врши повреда на името односно називот и на неговата трговска марка. Бидејќи се работи за приватни права, потребна е реакција од најстариот македонски универзитет, при што треба да се има во вид и во која општина ќе биде седиштето на подружницата на бугарскиот универзитет во Северна Македонија“, предупредува Пепељугоски.

Повеќе прочитајте на СДК

Најнови вести