Законот за употреба на јазиците, популарно наречен закон за двојазичност, го става албанскиот јазик на ниво на официјален јазик во Република Македонија, со тоа се дерогира уставот на државата, кој пропишува дека официјален јазик на територија на Република Македонија е македонскиот јазик, кој е кохезивен фактор во општеството. Истиот содржи 25 членови кои според препораките на претседателот на државата се неуставни.
Официјализирањето на албанскиот јазик како втор јазик се случи со прекршување на уставот и законите во државата, во текот на целото негово донесување. Законот е објавен противправно во Службен весник со потпис од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери, наместо на Претседателот Ѓорѓе Иванов. Со објавувањето во Службен весник законот стапува на сила со што двојазичноста ќе се применува во сите државни институции, јавни претпријатија, дирекции, агенции, установи и организации, комисии и правни лица кои вршат јавни овластувања.
Албанскиот јазик како официјален јазик ќе се применува во Собранието, Владата, Уставниот суд, народниот правобранител, во изборниот процес, образованието, здравството, културата, радиодифузната дејност, матичната евиденција, личните документи, финансиите и економијата. Дополнително во постапките пред судовите и јавните обвинителства како и во судските, извршните, предистражните, кривичните и прекршочните постапки, како и парничните и вонпарнични постаапки, освен македонскиот јазик ќе се употребува и албанскиот.
Законот пропишува и глоби имено според чл. 22 од законот доколку државните и јавните органи не ги почитуваат одредбите од законот ќе се соочат со глоба во износ од 4000 до 5000 евра, а службените лица ќе платат дури 30 проценти од одмерената казна.
Двојазични ќе бидат и книжните и кованите пари како и поштенските марки кои ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат албанскиот јазик.
Истото важи и за уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите и бандеролите.
На албански јазик ќе бидат и униформите на полицијата, пожарникарите и здравството во скопје и општините.
На сличен начин ќе се применува и за име на улица, плоштад, мост граничен премин, аеродроми и други инфраструктурни објекти.
На албански јазик ќе се водат дури и седниците на Државната изборна комисија како и стенограмите од седниците на владата и Собранието. Покрај на македонски, интернет страниците на институциите треба да бидат и на албански јазик.
Според тогашните проценки пред изгласување на законот, беше утврдено дека овој закон ќе предизвика финансиски импликации и ќе го чини буџетот 106 милини денари и ќе се основа Агенција за примена на албанскиот јазик која ќе треба да се грижи за промоција и заштита на јазикот, а надзорот околу спроведувањето на законот ќе го врши Инспекторат за употреба на јазиците.
Денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција истакна дека објавувањето на законот во Службениот весник на Република Македонија потпишан само од Талат Џафери е неуставно и незаконски, нагласувајќи дека ќе поднесат кривична пријава за Џафери, директорот на Службениот весник како и дека сите лица кои се инволвирани во оваа незаконска процедура правно ќе одговараат.