Родители на две деца болни од цистична фиброза во име на сите пациенти и Асоцијацијата изразија последна почит за Благојче Илиевски, кој ја изгуби битката, без да го добие лекот.
Тие посведочија и за неговите последни зборови што ги кажал пред да почине. Децидни се дека не требаше да се чека да почине пациент за да се забрзаат сите процедури за лекот да биде донесен во Македонија, пишува Макфакс.
„Последните зборови на Благојче му беа да го дочека лекот ‘трикафта’ што живот значи. Вечна му слава“, рече Лаира Криештарац, родител на 16-годишно дете со цистична фиброза.
Ирена Василевска, која исто така е родител на дете што се бори со болеста, посочи: „Не требаше да се чека. Тоа требаше порано да се одлучи. Да се одлучеше порано, Благојче можеби ќе беше жив“.
„Дојдовме да му оддадеме почит на Благојче, кој ја изгуби битката. Жалосно е кога има лек да умираат пациентите со цистична фиброза. Револтирани сме од предолгото одлагање на работите. Пациентите не може да чекаат ниту една минута. Нека го донесат лекот за сите 60 пациенти“, додаде Василевска.
Собирот беше пред Владата, а почна со едноминутно молчење.