Собранието на Комората на геодетски друштва усвои Декларација за развивање и унапредување на приватниот гоедетски сектор со која ќе бара од државните институции поддршка за креирање на законски и подзаконски решенија кои се создадат поволни услови за водење на бизнис во овој сектор. На седницата беше донесена и одлука за формирање на Советодавно тело, чии членови се домашни и странски експерти од геодетската област кои ќе бидат во функција на стручна поддршка на работата на Комората.
„Декларацијата се состои во неколку точки кои се во вид на начела во кои се предвидува и се повикува на изработка на заедничка стратегија со сите инволвирани чинители на геодетскиот сектор во земјава, а се нагласуваат и најголемите проблеми со кои се соочува Комората и фелата. Овие начела претставуваат и црвените линии, преку кои Комората нема намера да премине при донесувањето на сите идни законски и подзаконски решенија“, истакна Никола Рибароски, претседател на Комората на геодети.
Декларација за развивање и унапредување на приватниот геодетски сектор ќе биде комуницирана со највисоките државни структури и органи, за создавање на поповолен амбиент за носење на национална стратегија за реорганизација и унапредување на приватниот геодетски сектор, во која ќе бидат вклучени сите чинители на геодетскиот сектор во земјава. Комората преку оваа декларација бара и се залага законски и подзаконски решенија да ги следат најдобрите европски пракси, а пред да ги гарантираат на начела на јасна дистинкција на приватниот од јавниот геодетски сектор, да создадат подобар амбиент за бизнис, да ги зголемат ингеренции на приватните геодетски компании; да направат прецизно класифицирање на овластувањата и лиценците за работа на приватните компании, да овозможат поголема слобода за геодетски компании при предлагањето на тарифници и ценовници.
Советодавното тело го сочинуваат докажани експерти во областа, но и членови на Комората. Тоа ќе има советодавна функција при донесувањето на стратегијата, законски решенија но и ќе се грижи за стручното унапредување и усовршување на членките на Комората.
„Потребата од советодавно тело на Комората е нужна за развој и прогрес на Комората. Тоа ќе вклучува експерти од областа на севкупната геодезија, без разлика дали се членки на Комората, но и надворешни членови кои делуваат во земјата, но исто така и од странство. Заедничко на членовите на Советодавното тело е нивната експертиза во делот на геодетската дејност и нивната желба и волја да помогнат за развојот на Комората. Нивниот придонес би бил преку давање конструктивни предлози врз база на нивните стекнати искуства и знаење да советуваат во насока на долгорочен развој и подобро, поефикасно функционирање на активностите и дејствувањето на Комората“, изјави Никола Рибароски, претседател на Комората кој го формира ова советодавното тело.