Почна собраниската Комисија за одбрана и безбедност на чиј дневен ред е владината Предлог-одлука за продолжување на кризната состојба во земјава до 30 април 2023 година.
Како што образложи министерот за економија Крешник Бектеши, продолжувањето на рокот е поради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите со електрична енергија, а целта е да им се помогне на граѓаните, стопанството и институциите.
-Овој предлог доаѓа како последица од енергетската криза која е последица, пред се, на геополитичките случувања. Менаџирањето со енергетскиот сектор е интегрирано врз основа на врските што ги има земјава со регионот и ЕУ, но поврзано е и со капацитетите за извоз, како и со производствените капацитети со единствена цел – да се задоволат барањата. Апелирам, сите членови на Комисијата и пратениците да придонесат со конкретни предлози за да им помогнеме на сите – и на домаќинствата, особено на поранливите, и на бизнисот и на институциите, истакна Бектеши, образложувајќи ја Предлог-одлуката.
За збор се јави Бојан Стојановски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кој му рече на Бектеши дека одлуката е добра, но задоцнета.
-Ова што сега го правите, требаше да го направите лани, истакна Стојановски.
Според него, клучна забелешка на опозицијата за енергетската криза е дека народот и стопанството плаќаат многукратно повисока цена за струјата, но не само поради руско-украинскиот воен конфликт, туку и поради институциите кои не можат да испорачаат соодветни решенија.
-Ако во првиот дел од годинава потрошивме 450 милиони евра за да ја зауздаме кризата, а не постигнавме ништо, како ќе успееме сега со 70 милиони евра?, праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба до 30 април 2023 година беше утврдена на владината седница на 13 септември, а ако го помине собранискиот филтер, треба да почне да се применува од 1 октомври.
Владата во август донесе Одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија. Одлуката почна да се применува од 1 септември 2022 година. Постоењето на кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија, според оваа Одлука, треба да трае 30 дена од денот на почнувањето на нејзината примена.
На дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за безбедност е и Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.