Сојузот на средношколци бара праведен и бесплатен превоз за сите средношколци. Бесплатниот превоз да не се однесува само на приватните средни училишта, туку и за ученици чиј дом е оддалечен од училиштето помалку од 2,5 километри, како и за учениците кои одат на филијална пракса, како и оние со посебни образовни потреби сместени во државните домови.
Тие подготвиле и предлог за измени и дополнување на Законот за средно образование во членот кој токму се однесува на правото на превоз на учениците кој, како што најавија, ќе биде доставен до претседателот на Собранието и до сите пратенички групи. Очекуваат овој предлог закон да биде усвоен во скратена постапка.
Во врска со ова барање Сојузот на средношколци промовираше видео со анкета од ученици од приватни училишта кои немаат право на бесплатен превоз и сметаат дека се дискриминирани, посочувајќи дека и нивните родители се даночни обврзници на државава, а има и ученици кои студираат приватно со стипендија. Во анкетата тие истакнуваат дека имаат потреба од превоз до и од училиштето, како и за воннаставни активности, курсеви, тренинзи, исто како и учениците од државните средни училишта.
Претседателот на Сојот на средношколци, Лука Павиќевиќ, соопшти дека се работи за околу 2 илјади од вкупно 71 илјада средношколци во државава и информираше за сите активности што ги презеле во остварувањето на оваа цел во изминатата година, вклучително и средби со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и вицепремиерката Славица Грковска, како и со претставници на Клубот на млади пратеници.