По еден месец откако до Собранието достави предлог за изменување и дополнување на Законот за средното образование, со цел да се овозможи бесплатниот јавен превоз да важи и за учениците во приватните средни училишта, Сојузот на средношколци денеска ги повика сите пратеници да го стават на дневен ред и да го изгласаат.
– Денеска изминува точно еден месец од доставувањето на предлогот за потребата од праведен и бесплатен јавен превоз за сите средношколци и токму затоа ги повикуваме сите пратеници во Собранието јасно да покажат дека навистина ги поддржуваат средношколците, со што овој предлог ќе го внесат во собраниска процедура и за него ќе гласаат афирмативно, наведува Сојузот во допис до медиумите.
Сојузот потсетува дека на прес-конференцијата минатиот месец соопшти дека доколку предлог-законот за превоз не биде донесен за најмногу два месеца, односно до 13 мај, ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за да се оцени уставноста на сегашните одредби во Законот за средното образование.
– На 17 март Сојузот на средношколци доби известување од претседателот на Собранието дека текстот е доставен до сите пратеници. Бидејќи станува збор за кратки и несложени измени, сметаме дека пратениците имале доволно време да го разгледаат предлог законскиот текст и да изградат сопствен став. Потсетуваме дека сегашниот текст е производ на повеќе средби и разговори, така што дел од пратениците веќе имаат и претходно познавање на проблематиката. Оттука, предлогот е компромисен и консензуален. Очекувајќи предложените законски измени да добијат поддршка од сите пратеници и да бидат донесени по скратена постапка, Сојузот ги повикува координаторите на пратеничките групи и матичните тела да нè контактираат што поскоро, пишува во соопштението.
Предлогот не се однесува само на средношколците од приватните училишта, туку со него се бара бесплатниот превоз да важи и за средношколците со посебни образовни потреби сместени во државните домови, како за учениците што живеат на помалку од два и пол километри од училиштето.
Според претседателот на ССРСМ, Лука Павиќевиќ, се работи за околу две илјади од вкупно 71 илјада средношколци во државава.