Сојузот на стопански комори на Македонија учествуваше во првата регионална конференција „Без предрасуди, само бизнис“ која се одржа во Белград во организација на „Пословни дневник“. Настанот имаше за цел да поттикне унапредување на соработката меѓу стопанските комори и претставниците на бизнис заедницата од земјите од Западен Балкан како и да утврди заедничките можности за соработка во однос на освојување на европскиот пазар и привлекување на странски инвестиции.
Претставникот на Сојузот, Михајло Евросимовски имаше обраќање на панел-дискусијата во кое истакна дека преку вмрежување на деловните субјекти во регионот ќе се постигне доверба за взаемна соработка.
-Се прават напори за воспоставување на нови релации за економска соработка меѓу земјите од регионот преку „Отворен Балкан“ но и со поддршка на други иницијативи. Она што Сојузот го истакнува е дека прво треба да се олесни протокот на луѓе, а потоа и на стоки и услуги од што економски придобивки ќе има целиот регион. Исто така преку соработка на коморите и владите од регионот може да се направи заедничка стратегија за привлекување на странски инвестиции преку соодветна едукација на младите и воведување на меѓународни стандарди во работењето, истакна Евросимовски, кој ја потенцираше и уникатноста на некои македонски производи како што се ајвар, вина, сирења, по кои сме препознатливи во регионот и пошироко.
Учесниците на конференцијата се запознаат со можностите што ги нуди пазарот на Европската Унија за земјите од регионот а беше направен и преглед на деловната соработка во регионот во изминатите 10 години. На настанот присуствуваа економски експерти и најуспешните бизнисмени во регионот кои се согласија дека иако има разлики во менталитетот, сепак бизнисот не познава граници. Се споделија и успешни деловните приказни, како и размислување дека најдобро се заработува доколку производите се пласираат во соседните земји, бидејќи за да се успее на другите пазари треба многу поголеми инвестиции во маркетинг и промоција на производите. Претставниците на бизнис заедницата истакнаа и дека не се плашат од конкуренцијата и од строгите стандарди поставени од Европската унија, бидејќи тие за нив се предизвик и дополнителен поттикна за постигнување на подобри резултати во работењето.
Во изминатите месеци Сојузот на стопански комори развивањето на регионалната соработката ја постави на врвот на своите цели и активности. Во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ се промовираше идеја за организираните туристички автобуси да се овозможило брз проток на граничните премини во земјите кои се дел од овој проект, што беше одлично прифатено од претставниците на другите земји. За реализација на оваа иницијатива позитивно окружување создава и Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот, кој го потпишаа министри од нашата земја, Албанија и од Србија. Со овој документ се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација.
Претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски е член на Управниот одбор на иницијативата „Зелен навигатор на Западен Балкан“, која е основана со цел да ја забрза регионалната трансформација на економијата и локалната заедница кон климатска одржливост. Преку „Зелен навигатор“ во фаза на акредитација е Зелен климатски фонд, преку кој ќе се финансираат климатски одговорни инвестиции во приватниот и во јавниот сектор во земјите од Западен Балкан, што ќе биде значаен придонес кон забрзување на зелената трансформација.