Сопственикот на фирмата Беса транс Беким Хаџиу е во Бугарија од каде не се вратил после несреќата, како што вели поради тоа за да биде достапен на истражните органи во таа држава каде се случи трагедијата со автобусот и загинаа 45 македонски државјани од кои 12 деца, објави Телма телевизија.
Хаџиу во интервју за БНТ вели дека не излегол од Бугарија, бидејќи бил возач на друг автобус, а кога слушнал за трагедијата, застанал на границата и се вратил со такси. Во Софија тој зел и стан и тврди дека ќе остане за да помогне на истражителите. Хаџиу досега не дал никаква изјава во македонско обвинителство.
Од друга страна, министерот Оливер Спасовски во петокот одговори дека сопствениците се достапни и се во Македонија.
-Каде се сопствениците на компанијата, дали е разговарано со нив, каде се, дали се во државата, дали МВР стапи во контакт со нив?- гласеше новинарското прашање до Спасовски, кој беше на заедничка прес конференција со министрите Бујар Османи и Благој Бочварски.
-Овие лица се достапни, тука се. Се разговара со нив врз основа на наредби од јавното обвинителство. Секако ќе има разговори и со патници од другите автобуси, но ги чекаме наредбите од обвинителството, одговори Спасовски во петокот.
-Истрагата мора да ја водиме во институциите, не во јавноста, не во медиумите, рече Спасовски подоцна на слично прашање каде е сопственикот и дали МВР има информации за него бидејќи куќата на Хаџиу беше обезбедувана од полиција.
Хаџиу, според зборовите на обвинителката Вилма Русковска, бил на местото на несреќата минатиот вторник, неколку часа по случената трагедија, кога македонските обвинители со бугарските колеги ги посетија истражителите и медицинските служби на терен на автопатот „Струма“.
Интервјуто за бугарски БНТ е прво појавување во јавноста на сопственикот на Беса транс, Беким Хаџиу. Роднини на настраданите сведочеа во Софија дека тој се јавувал на блиски на жртвите за да им изрази сочувство.
Хаџиу во интервјуто посочи и дека тој е во контакт со семејствата на настраданите.